Тадиќ поднесе оставка

Српскиот претседател Борис Тадиќ поднесе оставка на функцијата, со што се отвора патот за одржување на предвремени претседателски избори на 6 мај.

 |  Голабовски Крсте  | 
Boris TAdic
Борис Тадиќ

Српскиот претседател Борис Тадиќ поднесе оставка на функцијата, со што се отвора патот за одржување на предвремени претседателски избори на 6 мај.
 
Тадиќ, на прес-конференцијата во Белград, рече дека решил „да го скрати својот мандат“ и да овозможи на 6 мај да се одржат избори на сите нивоа на власта.
 
„Ќе се кандидирам на тие избори со многу оптимизам поради позитивните трендови во нашата земја“, рече Тадиќ.
 
Според него, изборите ќе бидат тешки, но и дека ќе претставуваат можност граѓаните да се определат по кој пат ќе сакаат да одат.
 
„Јас го предлагам патот на европските интеграции и зачувување на интегритетот на земјата. Но, нема да го признаам Косово“, додаде Тадиќ.
 
Тој утре ќе испрати писмо до претседателката на српското Собрание Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, која потоа ќе ги распише предвремените претседателски избори за 6 мај.
Според него, со одржувањето на изборите на сите нивоа на власта во исто време би се отворил простор за спроведување на политичките реформи и на тој начин „ќе се завршат изборните работи“ со цел Србија „да не се занимава цела година со избори“.
 
„Сега никој неможе да ме обвинува дека ја чувам својата фотелја“, рече Тадиќ, додавајќи дека е сосема сигурен дека ќе победи на предвремените претседателски избори.
 
Boris TAdicТој потенцира дека тежиштето на неговата кампања ќе биде насочено кон економските реформи во кои треба да бидат вклучени сите институции на Србија.
 
„Ќе продолжиме со политиката на макроекономска стабилност, зголемување на конкурентноста на нашите производи на странските пазари и со зголемување на бројот на работни места“, потенцира Тадиќ.
 
Во врска со неговите можни потенцијални противкндидати за претседателската функција, Тадиќ рече дека ќе каже кого го смета за главен ривал откако ќе биде познато кој се ќе се кандидира за шеф на државата.
 
„Ќе го почитувам секој мој ривал, бидејќи на изборите гледам од аголот на спортската димензија“, изјави Тадиќ.
 
Белградската телевизија „Б92“ синоќа јави дека Тадиќ својата одлука да поднесе оставка ја соопштил на вчерашната седница на раководството на неговата Демократска партија (ДС), со образложение дека државата би заштедила средства со одржувањето на избори на сите нивоа на власта во еден ден.
 
Актуелниот втор мандат на Тадиќ истекуваше во февруари 2013 година и редовен термин за одржување на претседателските избори беше крајот на оваа година или најдоцна јануари идната година.

{loadposition content9}

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top