Следна станица Марс

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека САД планираат да испратат вселенски екипаж на Марс.

 |  Маја Савиќ  | 
obama
Обама

obamaЗборувајќи во Вселенскиот центар во Кејп Канаверал, во Флорида, Обама рече дека до 2025 година ќе биде направен нов вселенски брод за долги патувања.

– Ќе почнеме така што ќе испратиме за првпат во историјата астронаути на астероид. До средината на 30-те години, верувам дека ќе може да испратиме луѓе во орбитата на Марс и да ги вратиме безбедно на Земјата, изјави американскиот претседател.

Тој додаде дека за следните пет години се издвоени шест милијарди долари за програми на НАСА. Тие пари се наменети за роботски истражувања на соларниот систем, нови мисии на Марс како и нов телескоп, а ќе се зголеми и надгледувањето на Земјата заради разбирање на климата.

Обама ги отфрли критиките дека во таа област не е добро да се работи со приватниот сектор.

Тој најави дека ќе се инвестираат три милијарди долари за истражување да се произведе напредна ракета со голема носивост. До 2015 година треба да биде завршен новиот дизајн на ракетата, а потоа да почне производството.

– Со новиот план, во иднина побргу и почесто ќе се оди во вселената, нагласи тој.

Објаснувајќи зошто ги прекинал плановите на својот претходник за испраќање ракета на Месечината, тој рече дека во изминатите години ситуацијата се изменила и нема веќе трка во вселената, туку соработка.

Таму веќе сме биле, додаде тој. Со новиот план ќе се отворат 2.500 работни места на Флорида, а околу 10.000 во целата држава за неколку години.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top