Шефовите на држави или влади на 27-те земји членки на Европската унија (ЕУ) во четврток во Брисел го започнуваат дводневниот состанок.
Главни теми на самитот на ЕУ ќе бидат изнаоѓање договор за финансирање на борбата против климатските промени во земјите во развој, како и прашањето за барањата на Чешка за таа држава, како последна од унијата, што поскоро да го ратификува Лисабонскиот договор.
Друга значајна тема на состанокот на врвот се критериумите за избор на иден претседател и шеф на дипломатијата на Европската унија.
Досега интерес за функцијата претседател на ЕУ, која што се предвидува со Лисабонскиот договор, пројавија поранешниот британски премиер Тони Блер и претседателот на владата на Луксембург Жан Клод Јункер. Во европските кругови за функцијата претседател се вртат и имињата на холандскиот премиер Јан Петер Балкененде, поранешниот белгиски премиер Ги Ферхофштат, како и поранешната претседателка на Ирска Мери Робинсон.
На функцијата висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ претендираат шефот на шведската дипломатија Карл Билт, францускиот европратеник Мишел Барније и еврокомесарот за проширување Оли Рен.
Како кандидати се споменуваат и поранешните шефови на дипломатиите на Италија, Австрија и Грција, Масимо Д’алема, Урсула Пласник и Дора Бакојани, доскорешниот германски министер Франк Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Милибанд.
Лидерите на ЕУ внимание ќе посветат и на зауздување на економската и финансиската криза, растечката невработеност и се погорливото прашање на илегалната имиграција.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град