Еден од омилените физичари на денешницата, Стивен Хокинг, почина утринава во 76-тата година од својот живот.
Еден од омилените физичари на денешницата, Стивен Хокинг, почина утринава во 76-тата година од својот живот. Информацијата ја потврдија и од Универзитетот Кембриџ каде и предаваше со децении. Во нивното соопштение до јавноста се вели дека тој починал мирно во својот дом во Кембриџ, Англија. Стивен Хокинг е познат како еден од највлијателните современи физичари, кој говореше за мистериите на универзумот, црните дупки, времето – теми што ги обработи и во својата книга бестселер, „Кратка историја на времето”.
Хокинг неколку децении предаваше на високо ценетиот универзитет во Кембриџ, Англија. Во 1974 година, на возраст од само 32 години, тој беше именуван за најмладиот член на престижното британско кралско друштво. Пет години подоцна, тој ја стекна Лукасиевата катедра за математика во Кембриџ, која некогаш ја држеше прочуениот научник Исак Њутн.
Тој беше феномен и во медицината, затоа што успеа да ја надвладее тешката болест на нервниот систем со која живееше половина век, спротивно на очекувањата на лекарите. Хокинг страдаше од неизлечивата мускулна и нервна болест АЛС (амиотрофична латерална склероза). Кога му беше дијагностицирана на 21-годишна возраст во 1963 година, лекарите му рекоа дека има само неколку години да живее. Од 1968 година, Хокинг зависеше од инвалидска количка, со децении, физичарот речиси целосно не можеше да се движи. Од средината на 80-тите години, тој само можеше да комуницира со тешкотии и со користење на говорен компјутер. Од неодамна, неговата сила сѐ повеќе се намалуваше .
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град