Нивниот училишен центар е еден успешен пример на самоодржливо училиште, кое ги произведува своите намирници, ги подготвува во кујната, ги послужува на гостите и во исто време обезбедува практично искуство за учениците, но и средства за функционирање на училиштето.
Малку визија, многу работа, посветеност и љубов во она што се работи е доволно за еден мал училишен центар во Ново Место-Словенија да прерасне во фантастичен пример на самоодржливо училиште. Центарот за биотехника и туризам „Грм“ во Ново Место во едно соединение ги спојува знаењата од полјоделството, угостителството и туризмот. Раководејќи се според нивното основно мото „Од нива, до трпеза“, учениците од ова угостителско, туристичко училиште сами ги произведуваат своите намирници, а потоа ги подготвуваат и послужуваат на своите гости.
Комплетирајќи го овој бизнис круг, тие не само што добиваат практична настава, туку и со средствата кои ги обезбедуваат преку нивните проекти, секојдневно ги подобруваат условите во кои учат.
„Ја произведуваме нашата храна, во кујната се подготвува храната, келнерот ја послужува, а лицата од делот на туризмот ја продаваат. Така и работиме во нашата школа, така и соработуваме и мислам дека нашиот образовен центар е всушност едно големо претпријатие и мислам дека за нас, за разлика од можеби некои други школи нема некои кризи во смисла дека ни недостасуваат пари.“-вели професорката Славица Штерк во Центарот за биотехника и туризам-„Грм“-Ново Место, Словенија.
Професорката Штерк вели дека како педагози од областа на угостителството и туризмот, тие мора постојано да имаат визија за иднината, да им обезбедат на учениците можности за практична настава, патувања, стручни екскурзии.
Додава дека просторите на поранешните Југословенски републики се пребогати со природно и културно наследство и се неверојатен потенцијал за да егзистираат исклучиво од работа во туризмот.
„Ако се насочиме правилно и направиме квалитет во овој сектор и во целото стопанство, угостителството и туризмот можат многу да придонесат во тоа и ние во таа насока и работиме во нашата школа. Бидејќи ние со нашите ученици изведуваме програми, наши, кои ги подготвуваме, презентираме и продаваме во школата, и преку тоа придобиваме знаења, искуства од на терен низ патувања, стручни екскурзии бидејќи учениците готват во кујната, келнерите работат во ресторанот, а туризмолозите тоа мора да го работат на терен за да стекнат искуство и да бидат комплетни како кадар и како стручни профили кои ќе работат во оваа област.“-рече Штерк.
И не само во угостителството, средношколците од „Грм“ со интересни проекти во туризмот успеваат да привлечат огромен број на туристи и да бидат преполни во текот на целата година. Имаат понуда за сите возрасти, од најмали деца до повозрасни. Особено им е интересен проектот со мини градинките во кои на најмалите им се нуди престој во едно измислено место од приказните, а каде тие самите се главни актери. Идеите се многубројни, и сите функционираат прекрасно. Ова само покажува дека ако се сака, ако се има визија и малку креативност, угостителското, туристичкото училиште може да обезбеди сигурна иднина за средношколците. Можеби нивниот пример може да се преслика и кај нас во Охрид, во најзначајниот угостителско-туристички центар во земјава.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град