Католиците вечерва го слават Бадник

Римокатоличката црква и сите христијански цркви кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во очи Божик, раѓањето на Исус Христос.

 |   | 
badnik
badnik

badnikСпоред преданијата, Исус Христос е роден на 25 декември во Витлеемската пештера, па тој датум, со разликите во календарите, се почитува во целиот христијански свет.

Бадник е еден од најголемите празници за христијаните. На 24 декември, во пресрет на Рождеството Христово, се почитуваат строгите пости.

Овие верници, традиционално, постите ги завршуваат со појавата на првата вечерна ѕвезда на небото, а потоа во храмовите во целиот свет започнува свечената рождествена литургија. За време на неа верниците се потсетуваат на старозаветните пророштва и настани поврзани со раѓањето на Спасителот.

По свечената литургија, доаѓа ред на празничната вечера. Стар обичај е да се сервираат посни јадења.

Трпезата има религиозен карактер и е многу свечена. Пред да се продолжи со јадењето, се чита извадок од Евангелието на Лука за Рождеството Христово. Ритуалот на трпезатата го води главата на семејството.

badnikНасекаде распространет и познат е обичајот на трпезата да се остави празно столче. Ако некој дојде во домот на Бадник навечер, тој треба да биде прифатен како брат. По завршувањето на вечерата, трпезата не се крева.

Во светот постои и традицијата под бела покривка да се става по малку сено. Со тоа, верниците се потсетуваат на витлеемската пештера и на Богородица, која го положила новородениот Христос во колевката од сено.

Заедно со католиците, овој празник го слават лутераните, Англиканската црква и дел од протестантските конфесии. Во секоја земја празникот си има свои традиции.

Во Шпанија овој ден се нарекува Ночебуена. Обично се одбележува во кругот на семејството на свечена вечера. Прифатено е да се даваат подароци на домашните. Во некои семејства во текот на ноќта на трпезата се канат осамени стари лица или сиромаси.

Во Германија на 24 декември во попладневните часови животот во повеќето градови замира. Во 22 часот, со ѕвонот на камбаните се објавува почетокот на божикната служба. По неа, доаѓа ред на обилната семејна трпеза.

Во Норвешка многу семејства на овој ден одат на црковната служба, која традиционално започнува во 15.00 часот. Многумина одат до гробовите на своите блиски и на нив положуваат цвеќе.

Свечената вечера е во тесен семеен круг. Во западните и северни делови на земјата се прават солени и варени на пареа јагнешки ребра со компири. Во источните делови на Норвешка е популарно свинското, додека во другите делови се подготвува риба. Некои семејства претпочитаат мисирка. По вечерата, пред да бидат отворени подароците, целото семејство се собира околу елката. Сите се фаќаат за раце околу неа и пеат песни. Потоа, повторно седат на трпезата, но овој пат на чај и божикни слатки.

Во Полска, кога ќе изгрее првата ѕвезда, целото семејство, празнично облечено се собира на трпезата. Се поздравуваат во име на празникот и си посакуваат се најдобро. На трпезата се послужуваат посни јадења и риба, меѓу кои и супа од зеленчук, печен крап, кнедли со зелка, печурки, компоти од овошје, слатки.

Во домот има украсена елка, а под него се ставени подароците за целото семејство. На трпезата се пеат божикни песни, а луѓето се сеќаваат на настаните во одминатата година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top