Членови на христијанска вооружена група во американската сојузна држава Мичиген, кои верувале дека наскоро ќе настапи битка со антихристот, планирале напади врз полицајци, со надеж дека ќе предизвикаат бунт против американската Влада, соопшти Федералното обвинителство на САД
Во врска со случајот во сојузните држави Мичиген, Индијана и Охајо се уапсени осум мажи и една жена.
ФБИ ја набљудувало групата „Хјутриј“ (христијански воини) и пристапило кон апсењата, откако утврдило дека нејзините членови планирале напади во април, соопшти Обвинителството.
Од 2008 година членовите на групата минале паравоена обука, која вклучувала ракување со огнено оружје и изработка на бомби. Властите при апсењата конфискувале оружје, а засега нема информации дали се откриени експлозивни направи.
Осомничениот лидер на „Хјутриј“, Дејвид Брајан Стоун како потенцијални жртви на нивните напади ги одредил припадниците на полицијата. Тој и другите членови на групата ја разгледувале идејата за активирање експлозивна направа на погреб на полицаец, откако претходно ќе дадат лажен знак за несреќа, со цел да намамат некој припадник на полицијата и да го убијат. Разгледувана била можноста и за евентуален напад врз семејството на некој припадник на полицијата.
По нападот групата планирала да се повлече во „зборните места“, заштитени со скриени експлозиви и да се бранат со оружје против силите на редот. Членовите на „Хјутриј“ верувале дека нивните операции ќе послужат како катализатор за помасовен бунт против Владата.
Стоун, познат како „капетан Хјутриј“ ја организирал групата во форма на партизански одред и го назначил својот син Џошуа за водач на воениот одред.
На интернет страницата на групата се објавени цитати од Библијата, а поместени се и снимки на 17 мажи во маскирна облека, а на рамената на униформите имале амблеми со крст и со две црвени копја и биле тешко вооружени. На сајтот нема содржина која упатува на непријателски чувства кон Владата или силите на редот.
Против осум од уапсените, меѓу кои и Стоун, се покренати обвиненија за антидржавна активност, заговор за почнување војна против САД, поседување огнено оружје при извршување на криминално дело, поврзано со насилство и обиди за користење оружје за масовно уништување.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град