Десните екстремисти стануваат сила во Европа

Во Унгарија на власт, во Франција главна опозиција. Муслиманите, а во последно време и ЕУ, се нивната главна цел.

 |   | 

Според зборовите на судијата Ким Хегер, во текот на сослушувањето норвешкиот атентатор Андерс Беринг Брејвик споменал уште две терористички ќелии кои биле активни во Норвешка. Осомничениот, меѓу другото, тврдел дека имал и соработници, кои се’ уште се на слобода. Дали станува збор за фантазии на пореметен напаѓач или Брејвик навистина бил поврзан со десно-екстремни елементи во Норвешка и во Северна Европа?
Во манифестот, што го објави на интернет, Брејвик пишува за „80 поединечни маченици“ кои би можеле да бидат активни во странство. Неговиот адвокат овие наводи ги потврди. Во манифестот уште се споменуваат и „борци на отпорот“, а како можни цели ги наведува и нуклеарните централи во Швајцарија. Дали и какви се конкретните врски на атентаторот од Осло со десните екстремистички и националистички кругови во северна и западна Европа, не е јасно. Истражителите во Велика Британија и Германија ги проверуваат овие информации.
Она што се знае е дека Брејвик од 2006 година бил член на норвешката крајно десничарска Партија на напредокот. Во нејзиниот подмладок имал водечка позиција. Претседателот на партијата, Сив Јенсен по масакрот се дистанцираше од Брејвик. Партијата на напредокот, која е изразито националистичка и непријателски настроена кон странците, од 2005 година е втора по големина во норвешкиот парламент, но не учествува во Владата. Таа се залага против доселувањето на странците, но не е неонацистичка. На тврдото јадро на неонацистите во Норвешка му припаѓаат само околу 150 луѓе.
Десничарската сцена во Скандинавија
Во Шведска десните радикали од „Партијата на Шведска“ во парламентот имаат 20 пратеници, откако на минатогодишните избори освоија 5,7 отсто од гласовите. Оваа партија се залага за ограничено доселување на странците и повторно воведување на гранични контроли. Партискиот лидер Џими Акесоно остро ги осуди нападите во Осло.
Во Финска, партијата „Вистински Финци“ на овогодинешните избори освои 19 проценти од гласовите и на тој начин за четирипати го зголеми бројот на своите пратеници во парламентот. Иако трета според силата во финскиот парламент, оваа партија сепак не е застапена во владата, бидејќи одбива да им даде поддршка на пакетите за спасување на евро-зоната.
Во Данска, десно-радикалната Народна партија учествува во владејачката коалиција и неодамна успеа да го наметне барањето за повторно воведување на царински контроли на данските граници, и покрај тоа што земјата е членка на Шенген зоната. И оваа партија се противи на доселувањето на странците и се залага за воведување најстроги закони за доселеници и баратели на азил во Европа. И данските, како и финските радикали, имаат по двајца пратеници во Европскиот парламент.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top