Далај Лама си даде оставка

Дали почувствува дека кармата му е заматена од сето она менување на децениските лидери низ арапскиот свет, или едноставно му се оди во пензија, Далај Лама поднесе оставка на позицијата лидер на тибетанската Влада во егзил.

 |  Маја Савиќ  | 
Dalaj Lama
Далај Лама

Во говорот објавен на интернет, будистичкиот духовен водач соопшти дека ќе побара од тибетанскиот Парламент во егзил да ги спроведе сите неопходни уставни промени, за да го ослободи од “формалниот авторитет”. Следната недела, тибетанската заедница во егзил ќе гласа за новиот Калон Трипа односно премиер кој зависно од уставните промени, ќе ја преземе политичката функција на 76-годишниот лидер.

“Уште од раните ’60-ти години велев дека на Тибетанците им е потребен лидер слободно избран од народот, на кого ќе можам да му ја предадам власта. Мислам дека конечно дојде тоа време”, напишал во соопштението Далај Лама, кој останува да биде духовен водач.  

Аналитичарите и поддржувачите ја опишаа неговата одлука како историска, бидејќи ќе придонесе кон зацврстувањето на авторитетот и кредибилитетот на демократскат влада во Дарамсала. Кејт Сондерс од Меѓународната кампања за Тибет, вели дека со овој потег “Далај Лама ја изразува вербата во Тибетанците во еден од најопасните моменти од историјата на Тибет”.

Далај Лама, кого следбениците го сметаат за 14-та реинкарнација на Буда Авалокитесвара, уште одамна рече дека е “полупензиониран”. Кога во 2008-та година жестоки немири го тресеа Тибет, тој се закани дека ќе даде оставка од позицијата лидер на администрацијата во егзил, ако продолжат насилствата.

Од кинеското Министерство за надворешни работи го критикуваат соопштението, нарекувајќи го Далај Лама “религиозен измамник” кој се обидува да ја подели Кина.

“Тој е мозокот на политичкиот активизам. Многу пати до сега рекол дека заминува, изгледа ова е уште еден негов трик пред меѓународната заедница”, изјавила портпаролката на министерството, Џианг Ју.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top