43 милиони бегалци во светот

Истовремено, границите кон Европа стануваат се` погусти. Најголемиот дел од бегалците се внатрешно раселени лица.

 |  Крсте Голабовски  | 

Извештајот на УНХЦР, Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, за состојбата со бегалците во 2010 година е шокантен: над 43 милиони лица ширум светот ги напуштиле своите домови, што претставува рекорд во изминатите петнаесет години. Главната причина се кризни жаришта, каде немирите траат веќе со децении:

„Има појава на уште повеќе нови жаришта. Од почетокот на годинава тоа е случај со Брегот на Слоновата Коска, Либија, Сирија, Јемен. Во исто време старите кризи не се завршени. На пример, Авганистан, каде се војува веќе дваесет години, а ист е случајот и со Сомалија и Конго“, вели Комесарот за бегалци на ОН, Антонио Гутереш, кој кон средината на јуни во италијанскиот главен град Рим го претстави извештајот за состојбата со бегалците во 2010 година.

Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации го претстави новиот извештај токму во градот, во кој вестите за бегалци од Северна Африка секојдневно ги полнат весниците. Италијанската влада зборува за „цунами од бегалци.“ Притоа станува збор за едвај осумнаесет илјади бегалци од Либија, кои некако стигнуваат до италијанскиот остров Лампедуза, со што им се отвора патот кон ЕУ.
Кавгите околу прифаќањето на бегалците се срамни, вели германскиот претседател Кристијан Вулф, кој се залага за изедначен систем за азил на европско ниво.
„За Европа, која живее во мир, владеење на правото и демократија, покажувањето солидарност со оние на кои им треба заштита треба да се подразбира само од себе“, истакнува Вулф.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top