Нема преживеани при падот на рускиот авион што денеска се урна на рускиот Далечен исток, објавија руските новински агенции, повикувајќи се на спасувачките служби.
Авионот „Антонов Ан-26“, со 28 лица, кој летал на релација од главниот град на регионот Петропавловск – Камчатски до Палана, место на север на полуостровот Камчатка, изгубил контакт со контролата на летање, соопшти Министерството за вонредни состојби.
Повикувајќи се на официјални извори, Интерфакс објави дека авионот удрил во рид додека се подготвувал да слета во лоши услови на видливост.
Руските власти задолжени за цивилната авијација објавија дека местото на несреќата е пронајдено и спасувачките екипи пристигнале.
Министерството соопшти дека во авионот имало 22 патници и шест членови на екипажот. Меѓу патниците била и градоначалничката на Палана, Олга Мохирева, јави агенцијата ТААС, повикувајќи се на локални извори.
Времето во тоа подрачје за време на исчезнувањето на авионот било облачно, соопштија руските агенции додавајќи дека авионот се користи од 1982 година.
Безбедносната состојба на руската цивилна авијација е подобрена во последниве години, но авионските несреќи, особено со авиони од постаро производство, кои се користат во оддалечените региони на земјата, се релативно чести.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град