Голема експлозија во Лос Анџелес, повредени 16 лица

Девет полицајци и еден федерален агент од Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви се повредени во несреќата. Шест цивили се пренесени в болница – тројца со сериозни и тројца со полесни повреди.

 |   | 

Според „ЛА Тајмс”, единицата за борба против експлозии на полицијата во Лос Анџелес се обидела на безбеден начин да ги детонира запленетите импровизирани експлозивни направи и неколку тони нелегален огномет, но обидот бил неуспешен.

Експлозијата одекна во резиденцијален кварт, при што биле оштетени куќи и автомобили, а камионот во кој се наоѓал нелегалниот огномет е сериозно оштетен.

Началникот на полицијата во Лос Анџелес, Мишел Мур, на прес-конференција истакна дека полицајците пронашле неколку тони нелегален огномет и импровизирани експлозивни направи во една куќа, кои тој ги опиша како „нестабилни”.

Единицата за борба против експлозии потоа го премести целиот запленет експлозив и огномет во железна комора во специјално возило наменето токму за транспорт на ваков материјал.

Полицијата го активираше нелегалниот огномет верувајќи дека комората и возилото ќе можат да ја спречат експлозијата, но „се случи катастрофален неуспех”.

– Сè беше спроведено според протоколи за вакви ситуации, но очигледно се случи нешто во возилото што не требаше да се случи. Не знаеме зошто, но ќе дознаеме, објасни Мур.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top