Во Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ започна со работа кабинет за физикална терапија. Согласно стратегијата за развој на здравствената установа за еден месец ќе започне со работа и офтолмолошка амбуланта.
Вевчанскиот здравствен дом покрива 30 000 пациенти, на потегот од Велешта до општина Дебар. Јавната установа функционира како поликлиника, централата е во Вевчани, но има и две поликлиники во селата Лабуништа и Велешта. Со отворањето на новите кабинети Вевчани се стреми кон развој на здравствен туризам.
Инвестираме во кадар, во опрема, во адекватни услови и во рамките на таа стратегија отворивме кабинет за физикална терапија. Имаме и кадар, тоа е д-р Самир Лушкоски специјалист педијатар, кој сега се врати од специјализација и кабинетот отпочна со ефективна работа. Покрај овој кабинет имаме развиена ОРЛ, клиничка лабараторија, рентген и во рамките на таа стратегија за околу еден месец планираме да отвориме и кабинет за офтолмологија, за очни болести – вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом Вевчани.
Отворањето на новите кабинети и оддели ќе овозможи полесен пристап на здравствените услуги за пациентите во регионот. За преглед нема веќе да патуваат до Струга и Охрид.
Кабинетот за физикална терапија е еден вид олеснување за пациентите, бидејќи ја имаме Специјалната болница Свети Еразмо и голем број на пациенти што би требало да бидат третирани таму ќе ги третираме овде. Отворивме и кабинет за кардиологија, имаме во охридскиот регион развиена Специјална болница за кардиологија нашите кабинети нашата специјалистичка дејност која што ја развиваме е еден вид на олеснување на пристапот до овој вид на здравствена заштита на пациентите од овој регион, бидејќи одновата ја имаме нашата е само надградба – вели Стојкоски.
Здравствениот дом во Вевчани покрај Итна мецинска помош, има развиена биохемиска лабараторија, рентген дијагностика со мамографија, интернистичка служба, кардиологија, оториноларингологија, кабинет за физикална терапија, ургентна медицина и педијатар.
Голем број на пациенти од целиот Југозападен регион во земјава ги користат здравствените услуги на Здравствениот дом Вевчани. Последниот период најактуелни се серолошките тестови за антитела, кои во Вевчани се по најпристапна цена.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град