Струшките трговци ја почитуваат законската одредба за неработна недела

Инспекторите од трудовата и пазарната инспекција не констатирале прекршувања на Законот за работни односи. Во изминатиов месец, инспекторите  изрекле опомени за прекршоци направени по неколку законски одредби меѓу кои и непочитување на Законот за забрана за пушење.

 |  Валентина Неловска  | 
Црн Дрим Струга

Струшките инспектори од пазарната и трудовата инспекција не затекнале трговци кои работат во недела во струшката околина. Во изминатиов месец, од 10-ти јануари откако стапија на сила измените за недела неработен ден, контролите од двата инспекторати покажале дека досега струшките трговци се придржуваат кон одредбите од Законот за работни односи, информира Шпендим Иљази, раководител на Државниот пазарен инспекторат од Струга.

Секоја недела сме на терен и досега не сме констатирале неправилности, се почитуваат одлуките. Во општина Струга се пријавени седум маркети кои работат во недела, а каде што сопствениците работат сами. Дополнително дозволено е да се работи во делот на маркетите за трговија на бензиските пумпи – истакна Иљази.

Од струшкиот пазарен инспекторат укажуваат дека на терен ситуацијата се подобрува во однос на почитување на законските одредби кои се на сила. Иљази напоменува дека инспекторите се присутни постојано на терен во две смени. Од почетокот на оваа година до денес изрекле само две опомени  за лица кои пушеле во затворениот дел на угостителски објекти и го прекршиле Законот за забрана за пушење.

Се почитува законот, а каде што не се почитува се преземаат мерки. Законот за заштита од пушење се почитува се повеќе. Може да се пуши на тераса, објектите имаат тераси и нема многу прекршувања по тој закон – вели Иљази.

Покрај изречените опомени за угостителите каде што се направени прекршоците на Законот за забрана на пушење, Државниот пазарен инспекторат  изрекол и по неколку опомени за прекршувања на Законот за финансиска диспциплина и Законот за заштита од заразни болести. 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top