Кал, прашина , дупки и така скоро 6 месеци е состојбата на ул Абас Емин каде во тек е проктот за нејзина реконструкција. Жителите бараат работите да се изведуваат поекспедитивно. Од локалната велат дека динамиката не зависи од општината. Прво треба да се изведе подземната инфраструктута која е обврска на Министерство за транспорт и врски, а потоа локалната ќе пристапи кон горниот слој тампон и асфалт.
Жителите на Абас Емин се жалаат дека или газат во кал или голтаат прашина и дека реконструкцијата на улицата се оддолжи. Денеска во градскиот совет информација од општинските служби за тоа кога ќе почне да се работи на горниот слој на улицата побара и советникот Џанер Исмаил.
„ Барам веднаш да се даде налог на било кое Јавно претпријатие да излезат заедно на терен со Фондот за Комунални дејности и да се најде привремено решение за покривање на вировите со кал на Абас Емин. Граѓаните да можат да се движат нормално и да стигнат чисти на работните места. Во овие услови не се живее на таа улица.“ – кажа советникот Џанер Исмаил.
Абас Емин е комплексен проект велат од локалната и ги замолуваат граѓаните да бидат трпеливи затоа што динамиката на работите не зависи само од општината.Таму се изведува нова канализациона и водоводна линија и нова атмосферска канализација. Тие работи ги изведува Бокоп Боровец избран преку Министерство за транспорт и врски и има рок до мој 2021 да завршат со изведбата на подземната инфраструктура. Обврска на Општина Охрид е реконструкција на коловозот што е всушност втора фаза на проектот.
„Ние имавме распишано тендер за кој постапката траеше 55 дена , денеска веќе е склучен договорот , избран е понудивачот АД Илинден Струга, и од денеска започнати се активности за реконструкција на улицата . Вршиме реконструкција на делот каде што се завршени работите со поставувањето на фекална и атмосферска канализација и водоводот и каде се направени сите нови приклучоци од страна на ЈП Нискоградба и Водовод. На делот значи од пресекот со ул Дејан Војвода до сервисот Тубелес.“ – вели Томе Нанески од Сектор за комунален развој улици и патишта.
Во моментов се работи на реконструкција на коловозот во должина од првите 300 метри од вкупната должина на улицата од од околу 1 ооо м. Прво ќе биде поставен 40 см тампон и два слоја асфалт од кои првиот 8 см и завршен слој од 4 см.
„Исто така ги известувам граѓаните на погорниот дел каде во моментов се работи на поставување нова канализациона и водоводна линија и нова атмосферска канализација дека ќе им обезбедиме прилази со тампон за да можат непречено да се движат. Затоа молам за трпение до нивна страна . Се работи за еден голем и комплексен проект кој, знаат самите граѓани што живеат таму дека се најавуваше наназад 15-20 години и никој токму поради овие причини не сакаше да влезе во тој проект. – кажува Нанески.
Проектот за целосна реконструкција на Абас Емин започна на крајот на април годинава. Вредноста на вкупната инвестиција е околу 40 милиони денари.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град