Зголемен е бројот на социјални случаи во Охрид

Како последица на пандемијата бројот на социјални случаи e зголемен повеќе од двојно. Стагнира бројката на граѓани кои се на работ на егзистенција, инфромираат од центарот за социјална работа.

 |  Валентина Неловска  | 

Пандемијата го влоши економскиот статус на многу охридски семејства. Многумина останаа без работа и беа принудени да побараат социјална помош од државата. Ковид пандемијата ги принуди 441 домаќинство да бара гарантирана минимална помош од центарот за социјална работа. До пандемијата во охридскиот центар за социјална работа биле евидентирани 364 домаќинства кои користеле ваква помош, а денес таа бројка е скоро повеќе од удвоена и изнесува 805, информира Ајтен Мусли, директорка на Центарот за социјална работа. Мусли при тоа ги кажува причините за оваа зголемување на социјалната помош.

„Останале без работа, имаше карантин, рестораните отпуштаа луѓе од работа, многу работодавачи не им даваа плати. Пандемијата најмногу ги погоди семејствата со еден вработен во домаќинството и мораа да се пријават кај нас. Субвенциите што ги даваше владата на угoстителите и приватните претпријатија не беа секогаш реализирани и многу луѓе останаа без работа“.

Гарантираната минимална помош зависи од бројот на членовите во домаќинствата и се движи од 4000 денари за самци до 14. 000 денари за петточлено и повеќечлено семејство. Повеќе од случаите се семејства иако има и самци кои примаат социјална помош од државата, но при тоа мора да исполнуваат одредени услови.

Примаат социјална помош се додека ги исполнуваат условите, а тоа се да се активни баратели на работа во Агенцијата за вработување, во УЈП да немаат дополнителни приходи, да немаат регистрирано моторно возило и да се работноспособни“.

Зголемени се барањата и за еднократна парична помош кои се бараат најчесто за лекување. За среќа, стагнира бројката на граѓани кои се на работ на егзистенција. Во народната кујна користат еден оброк дневно 26 лица и нема нови барања, инфромираат од Центарот за социјална работа.
Инаку , статистиката покажува дека во земјава бројот на социјални случаи од почетокот на пандемијата е зголемен за 10.000 лица.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top