Затајуваат обврските за заштита од пожари во станбените згради и трговските центри

Станарите во станбените заедници не покажуваат грижа за својата безбедност од пожари. Во влезовите и понатака  има неисправни хидранти, а скоро и да нема противпожарни апарати. Слична е ситуацијата и во мини трговските центри низ Охрид. 

 |  Валентина Неловска  | 

Грижата за безбедност од пожари во охридските станбени згради и заеднички деловни простори е на ниско ниво, укажуваат инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување кои се задолжени за надзор на заштитата од пожари. Состојбата на терен е поразителна, при контролите на терен се соочуваме со станбени згради кои немаат противпожарни апарати или искршени хидранти кои не функционираат, инфомира Сашо Тодороски инспектор за противпожарна заштита.

Станбените згради што имаат управител согласно договорите имаат превземено обврска да ги одржуваат заедничките делови од зградите тука спаѓаат против пожарните апарати, хидрантите, паничните светла, громобраните и системите за дојава. Меѓу тоа таа обврска ретко или никогаш не ја почитуваат затоа што од нивна страна веројатно трошоците се големи и е скапа работа одржуавњето па не се завршува. Во зградите кои немаат управители таа проблемика не може да се реши, станарите не даваат 100 денари за чистачка, а не пак за поголеми зафати како што се хидранти, противпожарни апарати или систем за дојава“.

Состојбата не е ништо подобра и во мини трговските центри низ градот. Тешко се преземаат обврските за спроведување на мерките за заштита од пожари во заедничките простории. Одговорност покажуваат само правните лица како што се училиштата, хотелите и бензиските пумпи, вели противпожарниот инспектор.

„Согласно законот ако се најде недостаток субјектот е должен во рок од од 8 дена да го одстрани недостатокот во спротивно следуваат прекрошочни санкции. Казните се големи за физичките лица се од 1000 евра, а за правните лица 5000 еврa. Досега од моја страна нема казнети“.

Инспекторот Тодорoски информира дека согласно годишниот план за работа за минатата година бил намален обемот на работа заради пандемијата со корона вирусот. Направени се 52 контроли на објекти во Охрид и 8 надзори во Дебрца. Покрај инспекторот од Дирекцијата за заштита и спасување за контроли на станбените објекти задолжен е и општинскиот инспектор за домување. Општинскиот инспектор е на одмор и не успеавме да добиеме информација за неговиот надзор во текот на изминатата година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top