За туристичките населби нема редовен линиски превоз од и кон Охрид

Жителите бараат враќање на укинатите линии и еден превозник кој ќе сообраќа на оваа релација. Се жалат дека се чека со часови превоз, а посебно катастрофален е превозот во недела.

 |  Валентина Неловска  | 

Пештанци и жителите од поранешна Галичка општина бараат подобар линиски превоз на релацијата од Охрид кон Љубаништа и обратно. Реагираат дека 3500 жители од Рача, Коњско, Пештани, Елшани, Трпејца и Љубаништа се соочуваат со нередовен превоз. Проблемот се создаде пред неколку години кога локалната самоуправа укина 6 линии и линискиот превоз го додели на две автобуски компании, информира Ѓоре Танески, претседател на месната заедница Пештани.

Тие линии што ги укинаа да ги вратат. Има луѓе кои одат на работа и во недела. Мрзнат нема со што да се префрлат на работните места. Седат со часови на постојка во исчекување за превоз по 1 до 2 часа. Во недела е катастрофа и во сабота, ама во недела  посебно. Се снаоѓаат кој како знае. Доаѓаат роднини во Пештани и не може да се вратат во Охрид. Ги молат своите да им обезбедат превоз и да ги превезат до Охрид – вели Танески.

Во повеќе наврати жителите од Пештани безуспешно реагирале до Локалната самоуправа барајќи да се реши возниот ред. Посебно голем проблем за жителите е превозот во зимскиот период. Доколку автобуските превозници не се способни да го одржуваат линискиот сообраќај на оваа линија нека се повлечат, бараат жителите.

Ако не им се исплаќа да возат нека се откажат. Истите тие преку лето се тепаат кој да пушти комбе или автобус на секои 10-15 минути. Ако има на секои 15 минути превоз во лето и имаат профит ќе се покријат и преку зима или Локалната самоуправа нека донесе еден превозник како што беше Галеб и готово. Тоа е најдобро решение наместо 20 линии беа 26, превоз на секој пола час и автобусите не одеа празни за Охрид. Секој нема сопствен превоз да оди до Охрид – додава Танески.

Локалната самоуправа на денешната седница усвои предлог-одлука за донесување правилник за субвенционирање на општинскиот линиски превоз на патници за линиите кои возат во општина Охрид и Дебрца.

Во буџетот на општина Охрид годинава се издвоени 6 милиони денари за субвенционирање на линските превозници или скоро двојно повеќе од минатата година. Неодамна, советниците усвоија и зголемување на цената на билетот за 10 денари.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top