За седум автентични дрва во Охрид ќе почне постапка за споменици на природата

За 6 чинари и кочеџик на повеќе локации во Охрид ќе почне постапка за прогласување во категоријата споменици на природата. Само така автентичните дрва ќе бидат заштитени и во иднина ќе бидат природно и културно наследство. Сите дрва имаат потреба од системска заштита, најмладото дрво од сите нив е старо 100 години додека останите се повеќе столетни стебла.

 |  Валентина Неловска  | 

За седум автентични дрва во различни делови на Охрид ќе отпочне постапка за добивање правен статус споменици на природата. Станува збор за долгогодишна борба, најстариот чинар на плоштадот Македонија, потоа чинарите кај домот на пензионери, Црвен крст, мини маркет, Воска , Кошишта и кочеџикот во дворот на црквата Богородица Перивлепта да бидат заштитени како природно и културно наследство. Со усвојување на предлог одлуката, охридските советници дадоа зелено светло за постапка за добивање на статус на правна заштита. Во иднина, дрвата ќе бидат обележани во урбанистичкиот план и не ќе може лесно да бидат исечени.

„Целта ни беше како природно наследство и биодиверзитет на територија Охрид да бидат заштитени. Со тоа до принeсуваме за зеленилото во општина Охрид што е тенденција и на новиот закон за урбано зеленило“ , вели Хавза Реџеп Какељ од одделението за екологија и животна средина.


Одделението за екологија и заштита на природата подготвило елаборат за секое дрво пооделно. Во овие елаборати се предложени мерки за нивна санација и заштита. Ниеден од овие чинари не е помлад од 100 години, а на сите им треба заштита.

„ Чинарите пред Црвен крст и кај Домот на пензионерите се во добра состојба, но чинарите на плоштадот Македонија и во Воска се во незавидна состојба. И чинарот кај Кошита има потреба од итна санација. Минатата година ја саниравме крошната но мора да се води системска заштита за нивниот век на траење да биде подолг“, вели Хавза Реџеп Какељ.

Процедурата за најстариот чинар на плоштадот Крушевска република да биде споменик на културата е отпочната во минатиот состав на советот и се чека одговор од Министерството за животна средина.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top