Во тек е чистењето на каналите и речните корита во Охрид

Во тек е чистењето на каналите и речните корита во Охрид. Исчитен е каналот на реката Грашница на пресекот  со  улиците Туристичка и  Железничка.  Мапирани се сите критични точки кои предизвикаа  штети  на граѓаните, а чистењето треба да заврши до крај на октомври. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во делови од Охрид каде што се речните корита на Грашница, Коселска и Сушица и каналите започнато е нивно чистење од наноси на тиња, песок и ѓубре. Водостојот на реките е намален и сега е најпогодно време за чистење на коритата на деловите за кои Локалната самоуправа има ингеренции, вели Томе Нанески од Фондот за Комунални дејности.

„ Започнато е чистењето на речното корито на реката Грашница на потег од улицата Туристичка до улица Железничка. Тука сме при крај со чистење. Утре завршуваме и ќе се префрлиме на каналот кај бензинската пумпа Лукоил. Потоа ќе се префрлиме на дел од реката Сушица кај Винарска визба“, кажува Нанески.

Од Фондот за Комунални дејности ги мапирале сите критични точки кои лани им предизвикуваа штети на граѓаните. Меѓу критичните точки кои ќе се чистат е потегот од улица Туристичка под Винарска визба каде што тече реката Сушица. На 30-тина жители од тој дел на градот во март, оваа пролет, реката им ги поплави домовите и имотите. Тие се жалеа на неисчистеното речно корито кое со години барале од надлежните да го исчистат.

„Сите делови ќе се исчистат до крајот на месец октомври. Ќе заврши чистењето на речните корита и канали на територијата на општина Охрид. Сите критични точки кои ги имаме евидентирано ќе бидат исчистени имавме големи проблеми кај Орман, кај мостот и тој дел ќе биде исчистен“,напоменува Нанески.

Речните корита и реки ќе ги чистат избрана фирма на тендер и ЈП Охридски комуналец. Реките и каналите, пак кои се надвор од градот се под ингеренци за чистење на ЈП „Водоводно стопанство“- ПЕ Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top