Во регионов инфективен оддел има само Општа болница Охрид

Ваков оддел нема во струшката и дебарската болница. Охридското инфективно одделение е едно од најстарите болнички одделенија кое досега не е обновено или реконструирано.

 |  Валентина Неловска  | 

Инфективен оддел за лекување на пациенти од различни видови инфективни болести има само во охридската болница. Голем број на пациенти од целиот регион добиваат медицинска помош при потешки здравствени компликации од сезонски грип или вирозни и во лето и во зима. Она што загрижува е што на инфективното одделение болничките услови се лоши. Објектот каде што е сместено одделението е многу стар иако овде се лекуваат повеќе од 1.000 пациенти годишно. Располага со 6 соби и капацитет за лекување од околу 20- тина пациенти.

Медицински се згрижуваат пациенти од Охрид, Струга, Дебар и Ресен. Одделението не располага со соби за изолација на пациенти кај кои ќе се дијагностицираат високо-ризични инфекции.

„Нашето одделение е едно од најстарите одделенија кое никогаш не е реновирано. Некаде после 1950 година е направено одделението. Но, условите се несоодветни“, вели Светлана Алексиеска-началник на инфективно одделение Охрид.

Инфектологот д-р Алексиеска напоменува дека одделението не може да прими на лекување при евентуална потреба пациенти заболени од корона вирус. Овде се упатуваат на лекување пациенти кај кои се дијaгностицирани разни инфективни заболувања од обичен грип, па сè до хепатит, бруцелоза, варичела дури и луѓе каснати од кучиња.

„Треба помош од државата, малку да се реновира. Бидејки преку лето имаме и странци, кои се каснати од куче или со повреди доаѓаат тука. Изненадени се од условите во кои работиме…“-изјави Светлана Алексиеска-началник на инфективно одделение Охрид.

Во Охридската болница за здравјето на пациентите се грижат тројца специјалисти инфектолози,a двaјцa во мoментов се наоѓаат на специјализација. Во струшката болница пак,  нема нити еден ваков специјалист, информира д-р Мухамед Асани, Директор на општа болница Струга.

„Јас ќе се залагам во тој дел, затоа што потребите се големи. Ние во моментот кога ќе ни се врати специјалистот од Скопје, имаме уште еден специјалист на дијализа и ќе се трудиме за да создадеме услови за да имаме инфективен оддел во Струга.“-рече Мухамед Асани, Директор на општа болница Струга.

Годишно во општа болница во Струга се лекуваат околу 60 илјади пациенти од целата општина, но и од Дебар и соседна Албанија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top