Во пораст авантуристичкиот туризам во охридскиот регион

 Расте интересот за авантуристички туризам во охридскиот регион. Тоа, пак  укажува на потребата од постоење на регионален или национален систем за брзо и ефикасно спасување во ризични ситуации. Охридските волонтери за спасување  само во еден ден примиле два повици за интервенирање што не било случај во изминативе години. 

 |  Валентина Неловска  | 

Два повици за помош во различни ситуации, во еден ден, пристигнале до охридските волонтери за спасување на планина. Параглајдерски тандем не можел безбедно да слета заради лошите временски услови, а млад брачен пар од Естонија останале на планината Галичица откако им се расипло теренско возило, информира Антонио Додевски, професионален водич на планина и генерален секретар на Македонската Асоцијација на интернационални водичи. Во авантуристичкиот туризам ситуациите излегуваат од контрола и има потреба од специјални тимови, појаснува Додевски.

„Како што кажав два повици во еден ден не изненадија. Досега имавме 3 интервенции во еден месец. Тоа укажува дека бројот на несреќите расте. До пред 10 години имавме интервенции на 2 години, во последните 4-5 години имаме по 3 до 4 интервенции годишно. Годинава 3 интревенции во еден месец“, посочува Додески.
Ваквите ризични ситуации укажуваат на потребата од постоење на ефикасен и брз систем за спасување во ризични ситуации. И додека кај нас се повеќе расте интересот за авантуристички туризам, на Балканот и во регионот, недостасува постоење на национален или регионален систем за спасување , недостаток кој мора да се надмине. Охридските волонтери за спасување на планина најавуваат формирање на служба која ќе функционира секој ден 24 часа, а за нејзина оддржливост потребен е слух од државата и од локалните власти, кажува Додески.

„ Во моментов се работи Студија за финансиска одржливост која треба да ги даде моделите со кој во иднина ќе се финансира оваа служба во соработка со Локалните самоуправи во регионот. Спасувањето е прашање на големи трошоци и не може да се гледа бенефит како повратна инвестиција освен како форма во која општината ќе има развој на туризмот или грижа кон граѓаните. Државата и локалните власти мора да соработуваат и да се составен дел од финансиската одржливост“ , потенцира Додески.

Охридските спасители на планина ќе одржат и обуки за спасителите по меѓународни стандарди. Тие упатуваат повик до планинарите и рекреативците од Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен да се пријават на престојните обуки. На тој начин целосно ќе биде комплетирана Службата за спасување на планина, а Охридскиот регион ќе добие современ Центар со опрема за интервенци во ризични ситуации.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top