Во опасност иглолисната шума на охридското Кале

Шумата на охридското Кале во опасност од бршленот. Граѓани јавуваат за исушени стебла околу пешачките патеки кои водат околу Самоилова тврдина. Дендролозите информираат дека бршленот е индиректна опасност за дрвјата.

 |  Валентина Неловска  | 

Шумата на охридското Кале е во опасност од бршленот, јавуваат загрижени граѓани. Посочуваат на загрозеност на „белите дробови“ на градот во делот на Самоилова тврдина, Дебој, Канео и Лабино.

Загрижени се за иглолисните дрвја да не почнат да се сушат од бршленовиот повит. Рекреативците кои секојдневно пешачат по патеките кои водат низ Калето кажуваат дека се почесто забележуваат исушени стебла, како што ја нарекуваат, нивна „патека на животот“. Повикуваат надлежните да ја исчистат шумата од бршленот и да го спасат урбаното шумско зеленило.

Проф. д-р Јане Ацевски, раководител на Катедрата за ботаника и дендрологија на Шумарскиот факултет во Скопје, информира дека бршленот  индиректно ги загрозува дрвјата. Тој е ползавец кој ги покрива дрвјата и спречува да добијат светлост, најважниот фактор за животот на растението.

Не влијае директно и не ги користи неговите сокови. Ползи, се залепува со адвентивните корења кои служат за поткрепа за да може да дојде до поголема количина на светло. Не е директна закана, но со тек на времето може да го препокрие целото растение,  да го загуши“ да нема пристап до светлото и постепено почнува да се суши растението – истакна проф. д-р Ацевски.

Професорот Ацевски препорачува еднаш во текот на годината, на пролет, да се исчисти бршленот од дрвјата. Доколку се запостават дрвјата тогаш ќе требаат поинтензивни активности за негово отстранување.

Во урбаните шуми е препорака да се отстрани бршленот од дрвјата и растенијата, од почвата, по можност со сечење и тегнење, за симнување од гранките за да имаат поголем пристап до светлината. На тој начин се подобруваат животните услови на дрвјата и растенијата – вели проф. д-р Ацевски.

Нема посебна дозвола за да се уништи бршленот, тоа е обврска на службите кои учествуваат во заштита на парковските шуми, подвлекуваат шумарските експерти.

Од Одделението за заштита на животната средина при Локалната самоуправа упатуваат дека одржувањето на урбаната шума е во надлежност на ЈП „Охридски Комуналец“.

Оттаму пак, информираат дека повремено го чистат бршленот, а немаат таква планирана дејност во програмата за работа за оваа година.         

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top