Во охридскиот регион актуелна е нова експропријација на земјиште

Во тек е експропријација на земјиште за потребите на Мепсо за изградба на трафостаница. Граѓаните може да не се согласат со понудената цена за експроприраното земјиште и да поведат судска постапка. Стручните лица советуваат засегнатите граѓани сами да не почнуваат постапки.

 |  Валентина Неловска  | 

Во реонот на селото Мешеишта во тек е експропријација на земјиште од страна на МЕПСО за изградба на трафостаница. Ова е најновата експропријација со која се соочуваат граѓаните од охридскиот регион. Експропријација имаше и за земјиштето на автопатот Кичево – Охрид која е во тек, а започна во 2014 година. Актуелноста на овие ситуации го наметнува прашањето колку луѓето ги знаат своите права во ситуации кога државата сака да го одземе нивниот имот по одредена цена. За оваа проблематика го консултиравме адвокатот Александар Карали, кој советува, засегнатите граѓани сами да не почнуваат постапки.

„Доколку не се согласат со понудената цена имаат право да поведат судска постапка во вон парична постапка каде што судот ќе определи реална пазарна вредност на земјиштето дали е градежно или земјоделско земјиште во зависност за секој предмет поединечно и во судската постапка се врши вештачење од стручно лице, од земјоделски или градежен инжинер во зависност од земјиштето. Ако поседуваат насади, агроном или шумарски инжинер за да се процени реалната пазарна вредност на она што му се одзема“.

Адвокатот Карали кажува дека експропријацијата е ограничување на правото на сопственост кое државата го наметнува на приватните лица за изградба на општо добро. За таа цел се одзема  нечие земјиште. Постапката за експропријација оди преку управните органи во имотно правното одделение во Охрид т.е Управата за имотно – правни работи каде што странките добиваат предлог за експропријација и понуда на цена за одземеното земјиште.

„Постои основа и можност да водат судска постапка ако не се задоволни од понудената цена, постапка која може да им овозможи поголема реална пазарна цена“.

Пожелно би било во постапката грѓаните да одат  со стручно лице адвокат со цел да ги остварат оптимално своите права кои им следат согласно законот. Понатака, дали ќе се прифати или не понудената цена зависи од секој поединечен случај, од висината на понудената цена и местото за кое се понудува цена. Судот во определени случаи досудува повисока пазарна цена од понудената, но адвокатот Карали нагласува, не во секој случај бидејќи секој случај има свои специфики и различности.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top