Во НП „Галичица“ се изградени над 1000 нелегални викенд куќи

Покрај дивоградбите има и узурпација на државно земјиште, посочуваат од паркот. Иако доставиле пријави до надлeжните институции досега не е постапено по ниедна пријава.  

 |  Валентина Неловска  | 

Урбанизацијата е најголема закана за уникатните природни вредности на националниот парк Галичица и за статусот на градот под заштита на Унеско, тврдат од Галичица. Закана за природните убавини доаѓа од изградбата на нелегални викенд куќи на целата територија на паркот иако се сметаше дека на удар заштитеното подрачје е од бесправната сеча на шума, информира Андон Бојаџи од НП Галичица.

„ Ви тврдам дека поголема закана за природните вредности за паркот е урбанизацијата отколку бесправната сеча. Во сите случаи кога имало бесправна градба и узурпација на државниот имот ние сме поднесле до Правобранителот да преземе мерки, до градежната инспекција да го сруши бесправно изградениот објект. По ниедна пријава не е постапено“, посочува Андон Бојаџи од НП Галичица.

Од НП не сме дале позитивно мислење за да се гради на територија на националниот парк ама согласност даваат другите државни органи, посочува Бојаџи. Предупредува дека низ целиот национален парк има над 1000 нелегално изградени викенд куќи. Досега, во ЈУ НП Галичица добиле 450 барања за легализација на безправно изградените објекти во разни делови на НП.

„ Еден од најголемите проблеми на НП Галичица и на Охрид како град под заштита на Унеско е урбанизацијата. Ако заради нешто не стават на листата на загрозени подрачје под заштита на Унеско тоа ќе биде урбанизацијата. Мора да се справиме со бесправната градба и узурпацијата на сопственоста на земјиштето на Р. Македонија“, укажува Бојаџи.

Територијата на паркот со над 22.000 хектари се протега на две општини Охрид и Ресен со 5400 жители. Во границите на паркот има 18 села од кои 14 во Охридска и 4 села во Ресенска општина.
Планината Галичица статусот на Национален парк го доби пред 6 децении.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top