Изгаснат пожар во борова шума кај Опеница

 Пожарот избувнал синоќа и  е ликвидиран утрово. Од денес, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на ЈП Национални шуми воведе делумна забрана за движење низ шумите. 

 |  Валентина Неловска  | 

Изгаснат пожар во атарот на селото Опеница кој зафати борова шума на површина од 3 до 4 хектари. Пожарот бил пријавен синоќа во 20 часот од локалното население, а екипите на ЈП Национални шуми самостојно го изгаснале утрово до 9 часот, информира Славчо Голабоски, директор на охридската поддружница. Причина за појава на шумските пожари е човечкиот фактор, напоменува Голабоски.

„Голем дел од пожарите се од невнимание и несовесност на граѓаните, од оставени догорци или отпушоци на цигари кои од високите температури предизвикуваат пожари. Има пожари и кои намерно се подметнуваат од луѓе кои се болни. Такви пожари имавме во изминатиов период, голем дел преку 95 проценти од пожарите се од човечки фактор.“

Од денес, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведе делумна забрана за движење низ шумите од 6 до 20 часот на барање на ЈП Национални шуми. Најголем број од пожарите се јавуваат во тој период од денот. Забраната се воведува за да се спречат пожарите по високите температури и сувото време.

Делумната забрана не важи за вработените во ЈП, лицата кои вршат шумско – културни активности на површините со кои стопанусува ЈП и оние кои имаат писмено одбрение за движење низ шумите издадено од подружницата на ЈП за подрачјето со кое стопанисува. Од ЈП Национални шуми можат да добијат дозвола за движење планинарите, љубителите на природата и оние кои сакаат да уживаат во природата.

„Имаме најава од планинарска група од Скопје која има организирано тура од село Годивје до Бабин Срт со околку 70 луѓе. Тие не контактираа и добија дозвола за движење. Делумната дозвола значи контролирано движење, ние да имаме информација кои луѓе каде се движат низ шумата.“

Делумната забрана за движење ќе важи се до проценката за намалување на ризикот од пожари. За непочитување на забраната физичките лица кои ќе се затекнат во шума ќе бидат казнети со парична глоба по член 106 од Законот за шуми.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top