Усвоен ребалансот на општинскиот буџет

Со ваквата одлука на советниците заврши агонијата на ОУ Григор Прличев кое со години работеше со блокирана сметка. Опозицијата не даде зелено светло за измена на буџетот. Упатија забелешки на начинот на буџетирање, а дадоа поддршка само за измена на три програми, за спорт, јавна чистота и фудбалскиот клуб Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Одблокирана сметката на ОУ „Григор Прличев“ по денешното усвојување на ребалансот на општинскиот буџет. Мнозинството советници гласаа за предлог одлуката за исплата на долгот на училиштето кон доверителот „Моби Петрол“ Охрид. Мишел Силјаноски, координатор на пратеничката група на СДСМ, кажа дека измените се во интерес на граѓаните.Како најпозитивно го истакна завршувањето на агонијата на ОУ Григор Прличев.

„За прв пат по подолго време ќе се од блокира ОУ Григор Прличев што е големо постигнување за да работи нормално. Се правеа напори подолго време од ЛС, а денес донесовме одлука која ќе значи од блокирање на сметката на основното училиште Григор Прличев“, рече Силјаноски.

Опозицијата не даде зелено светло за измена на сите 11 програми од предложените 14 , со кои општинскиот буџет требаше да претрпи измени во финансирање на програмите до крајот на годината. Опозицијата има свои ставови и размислувања, со дел се согласивме со дел не, за некои програми дадоа поддршка за дел не, но се надевам дека ќе имаме понатамошна соработка, кажа Силјаноски координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Неговиот колега, пак, Кирил Пецаков смета дека Локалната самоуправа требало да најде начин подобро да ги изменаџира потребите на граѓаните со ребалансот. Неговата советничка група од Вмро Дпмне даде поддршка на само три програми и тоа за спорт, јавна чистота и фудбалскиот клуб Охрид.

„Начионот на буџетот е бесперспективен , посебно кратејќи ги сите овие 6 месеци ставките во капиталните расходи, капиталните инвестиции со кои општина Охрид требаше да излезе во пресрет на барањата на граѓаните и месните заедници“, упати забелешка Пецаков.

Меѓу програмите кои со ребалансот добија средства се измените на програмата за други комунални услуги за одстранување на бесправно изградените објекти во висина од 2 милиони денари, средства за набавка на типизирани тезги како урбана опрема, 800 илјади денари доделени за ФК Охрид, средства за набавка на специјални возила за јавна чистота. Беа прифатени и одлуките за подигање спомен-обележје за бродската несреќа од 05.09.2009 година, формирање одбор за подигање спомен – обележје и за утврдување локација за градба на спомен- обележје за бродската несреќа од 05.09.2009 година. Од деневен ред од седницата беше повлечена предлог- одлука за избор на командир на полициска станица од општа надлежност за Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top