Улиците и патиштата чисти по снежните врнежи во охридско

Службите на „Охридски Комуналец“ и „Македонија пат“ ги исчистија локалните и на магистралните патни правци. Проодни се сите патни правци, а и патиштата во селата од општина Дебрца.

 |  Валентина Неловска  | 

Охриѓани имаат чисти улици и тротоари после синоќешните снежни врнежи. „Охридски Комуналец“ обезбеди чисти улици од снегот во централното градско подрачје, приградските населби и повисоките населени места според Порграмата за зимско одржување. Синоќа биле исчистени приодите и до институциите, училиштата и градинките. Утрово, пак биле исчистени школските дворови.

Директорот Сашо Најдески е задоволен од справувањето со синоќешните снежни врнежи. Напоменува дека биле ангажирани 92-ца вработени од нивното комунално претпријатие, како и вработени од другите јавни претпријатија, а била користена механизацијата која им била на располагање.

Со оглед на тоа што имаме стара механизација добро се снајдовме. Стариот дел од градот се исчисти беспрекорно, се чистеа високите места како Велестово, Елшани, Рамне и Бараки тие се критични точки, а централното градско подрачје беше посипано со сол и ризла. Во глобала поминавме добро – истакна Најдески.

Проодни се локалните и магистралните патни правци во Охрид и охридско. На сите патни правци без застој се одвива сообраќајот на моторните возила.

Од охридската работна единица на ЈП „Македонија пат“ јавуваат дека ги исчистиле магистралните патни правци Охрид-Кичево и Охрид-Св. Наум од снежните врнежи. Синоќа, во текот на 10 часовно континуирано ангжирање на четири возила со кои располагаат обезбедиле непречено да се одвива сообраќајот. Нивните мобилни екипи користат возен парк кој не е подновен повеќе од 2 децении. Исто така, на патните правци биле употребени абразивни материјали како ризла и сол.

Од Центарот за управување со кризи, информираат дека до нив нема дојави од граѓани кои реагираат на непроодни патишта или проблеми со напојување на електрична енергија. Проодни се сите патни правци, а и патиштата во селата од општина Дебрца.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top