Угостителски објекти од регионов дел од првиот водич на „Slow food“ гостилници

Тие добија и ознака црвен полжав на „Slow food International“. Нивна задача е да исполнат стандарди со кои ќе ја подобрат понудата на мениатa и локалниот економски развој со користење продукти произведени во микрорегионот.

 |  Валентина Неловска  | 

Пет уготителски објекти од регионов се дел од првиот водич „ Slow food“ гостилници. Тие ја добија оваа ознака меѓу 17-те македонски гостилници избрани од Slow food Македонија. Тоа се тераса „Утарна“ во Горно Коњско, етносело „Андревци“ во Годивје, етнопансионот „Кутмичевица“ во Вевчани, вила „Радожда“ и вила „Мал Св. Климент“ Охрид.

Станува збор за угостителски објекти кои нудат традиционална храна, подготвена на традиционален начин, а при тоа користат локални производи, информира проф. д-р Ангела Крстаноска Пасквале. 

Целта на водичот беше да се едуцираат нашите сопственици на угостителските објекти, да се подобри монотоната понуда на менијатa. Да создадат поатрактивни понуди, а не да ја извитоперат  нашата традиционална кујна, начинот на готвење туку од исти производи да креираат нова чинија презентирана на поатрактивен начин – истакна Крстаноска Пасквале.

Угостителските објекти кои се во водичот „ Slow food“ гостилници добија и ознаки црвен полжав, ознака на Slow food Internacional. За угостителите да ги добијат овие ознаки потребно е да исполнат неколку критериуми. Меѓу критеримите се угостителите да водат грижа за начинот на презентирање на храната, да се поврзат минатото и современото, на менито да имаат типични рецепти карактеристични за нивниот микрорегион, а 70 осто од сите производи на менито да се произведени во сопствени фарми, градини или да се вмрежени со прозводители од нивниот регион.

Не само што сакавме да ја освежиме и подобриме понудата да стане поатрактивна затоа што туристите стануваат се попребирливи, целта ни беше да работиме  на локален- економски развој. Не само да го промовираме  нашиот локален идентитет преку храната, туку од друга страна парите да се вратат во локалната заедица и да озвоможат јакнење на  заедницата – објаснува Крстаноска Пасквале.

Следува нов проект од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ за изработка на платформа „Slow food travel“ каде што ќе бидат вмрежени сите гостилници. Туристите добиваат информации за услугата според стандардите на Slow food Internacional. Инспекција ќе ја следи работата на „Slow food“ гостилниците и ако не се почитуваат критериумите, ознаките може да им бидат одземени.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top