• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Ученици од ОУ „Дебрца“ и нивни врсници од други земји се дел од проектот „Амбасадори на културата“

Ученици од ОУ „Дебрца“ и нивни врсници од други земји се дел од проектот „Амбасадори на културата“

Ученици од предметна настава од ОУ „Дебрца“ заедно со нивни врсници од Португалија, Романија, Бугарија и Турција учат за културното наследство преку креативни начини за истражување и негово презентирање. Тие се дел од проектот „Амбасадори на културата“. Ова мало училиште од село Белчишта е посебно активно во учество во проекти од Еразмус програмата финансирана од Европската комисија.

 |  Габриела Трпческа  | 

Златната маска од Требеништа, антички некрополи, средновековни цркви, старохристијански сакрални објекти, наслеби од бронзено, железно, хелинистичко и римско време се само дел од културните богатства на територијата на Дебрца. 21 локација и објекти од Дебрца се запишани во  државниот регистар со статус на културно наследство. Ученици од предметна настава од ОУ „Дебрца“ во село Белчишта активно се вклучени во откривање на убавините на културното наследство од нивниот крај. Заедно со нивни врсници од Португалија, Романија, Бугарија и Турција, тие се дел од проектот „Амабасадори на културата” од Еразмус + програмата. Координатор на проектот во Македонија е Соња Гаврилоска – наставничка по Англиски јазик во училиштето.

За нас како мала рурална општина многу е важна соработката и размената, посебно културната размена, затоа што Општина Дебрца и Охридскиот регион располага со богато културно наследство и преку вакви проекти можеме да ги размениме искуствата и знаењата за убавините – истакна за ТВМ, Соња Гаврилоска.

Во рамки на проектот формирани се драма клубови во кои учениците глумат арехолози кои пронаоѓаат артефакти. Одржани се работилници на кои се изработуваат имитации на споменици. Со учество во различните настани од проектот, децата се охрабруваат да бараат интелигентни начини за презентирање, откривање и учење за видовите, значењето на културното наследство и потребата од негово зачувување. Тоа придонесува кон нивниот развој, чувството на припадност и почитување на културните разлики, вели Гаврилоска.

Овие проекти од Еразмус програмата се многу значајни затоа што имаме меѓународна соработка, деца од едно рурално училиште имаат можност да се сретнат со други деца од Португалија, Бугарија, Романија. Да прават споредба на училишниот живот, да ги развиваат јазичните вештини, затоа што работен јазик на овие проктот е Англискиот јазик и се разбира размената на културното наследство. Споделуваме видеа, power point презентации, подготвуваме Еразмус корнер каде се изложуваат истражувањата кои ги прават децата – додава Гаврилоска.

Во ОУ „Дебрца“ учат околу 200 деца. Првпат училиштето аплицирало со проект во Еразмус програмата во 2018-та година и оттогаш зад себе има 4 проекти од кои два се во тек.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top