Ставен под контрола пожарот на Петринска планина

Пожарот избувнал синоќа на непристапен терен во кој изгореле околу 8 хектари нискостеблеста вегетација. Во гасењето на пожарот покрај вработените од Македонски шуми учествувале и жители од Лескоец и Велгошти.

 |  Валентина Неловска  | 

Ставен е под контрола пожарот на Петринска планина. Во огнената стихија, која избувна на сртот на планината, изгоре површина од околу 8 хектари со смрека, габер и тревна вегетација. Пожарот бил пријавен вчера попладне на крајно непристапен терен , без патна мрежа, на тромеѓето меѓу НП Галичица и шумските стопанства на Ресен и Охрид, информира Славчо Голабоски, директор на Национални шуми поддружница Охрид. Во гасење на пожарот биле вклучени вработените кои се опремени со лична заштитна противпожарна опрема и со т.н напртњачи со кои интервенираат на непристапни терени.

„Имавме 10 луѓе кои ги ангажиравме во попладневните часови. Утрово, ангажиравме едно противпожарно возило, во наша сопственост и 25 луѓе кои беа на лице место. Пожарот е ставен под контрола, локализиран“.

Станува збор за место над селата Велгошти и Лескоец, викано Гавранов Камен. Во гасењето на шумскиот пожар биле вклучени вработени од шумското претпријатие, а самоиницијативно им се приклучиле и жители од овие две населби, споделува Голабоски за текот на гасењето и локализирање на пожарот.

„Голема благодарност упатувам до момците од Лескоец кои ни излегоа во пресрет со материјални и човечки ресурси и респект до момците од Велгошти кои се одважија на полноќ да гасат пожар, се работи за здравје и ризик по животот на луѓето.“

Се прептоставува дека пожарот е предизвикан од човечко невнимание, од берачи на шумски плодови, а во моментов е актуелна бербата на планински чај.
Инаку, сеуште е во сила делумна забрана за движење низ шумите која стапи на сила од почетокот на овој месец.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top