Краткотрајно подгорување на зелените делови од стеблото може да се појават кај спанаќот, марулата и кромидот кои се одгледуваат на отворено. Во овој момент треба да се одложи резидбата кај овошните култури и кај лозовите насади.
За земјоделските и овошните култури добредојдени се снегот и температурата под нула степени во ова време од годината. Мразот може да ги подгори градинарските култури кои се одгледуваат на отворено, како што се спанаќот, марулата и кромидот, но нема да претрпат трајни оштетувања, укажува охридскиот агроном Мирослав Трајчески. Ниските температури нема да имаат негативно влијание и врз земјоделските култури и овошките.
Во глобала е сеуште право време за ниските температури. Тоа е добро за да се одложи за подоцна почетокот на вегетацијата на растенијата. Штетата од мраз е повеќе опасна во пролетните месеци, со првите пролетни мразеви, а не од зимските. Оваа состојба поволно ќе влијае врз земјоделските култури поготово во овој дел од државата каде што падна снежна покривка. Ќе има уште поповолно влијание, а исто така и врз хидролошката состојба – истакна Трајчески.
Овоштарите и лозарите во овој период кога живата во термометрите се спушта под нула не треба да вршат резидба. Зимска заштита се прави во сончеви денови кога температурата е повисока од нула степени. Во пресрет на Св. Трифун кога се прават првите закројувања на лозовите насади, агрономот Трајчески со препорака.
Доколку се ниски температурите ќе се закројат неколку пенушки од лозјето за да се продолжи традицијата. На ниски температури под нула не е препорачливо кроење на лозјето. Може да се случи растителните сокови да измрзнат површински или длабински. Најдобро е да се одложи резидбата до почетокот на вегетацијата – вели Трајчески.
Температурите над нула може да предизвикаат рана вегетација, а тоа најчесто се случува кај коскестите овошки, бадемот, праските и кајсиите. Резидбата може да се прави до пред почетокот на разлистување и цветање на дрвјата. До оваа фаза е добро да се завршат и резидбата и зимското прскање на овошните насади.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град