Скандинавци и Англичани го откриваат Охрид како привлечна туристичка дестинација

За нив е вистинско откритие во срцето на Европа да пронајдат убава и интересна дестинација. Воспоставените авионски линии од повеќе делови на Европа придонесуваат Охрид и брегот да стануваат се попривлечни за повеќе европски гости.

 |  Валентина Неловска  | 

Сместувачките капацитети во Охрид и крајбржјето стануваат се попривлечни за квалитетни гости со подлабок џеб. Во се поголем број Скандинавци и Англичани го откриваат Охрид како привлечна туристичка дестинација. Доаѓаат квалитетни гости кои бараат и квалитетни услуги, а ги добиваат кај нас за релативно пониски цени во однос на околните дестинации, вели Будимир Соколовиќ сопственик на Вила и Винарија Мал Св. Климент.

„ Изненадуваат скандинавците за нив сме тотално непозната дестинација. Исто така и за гостите до Англија. Најголем дел од нив за прв пат слушнале за оваа дестинација. Интересен податок од нивните кажувања, е тоа што тие се први од нивните пријатели и роднини кои дошле во Охрид. Уште еден факт, дека се изненадени каква убава и интересна дестинација има во срцето на Европа“, вели Соколовиќ.

Авионското поврзување на Охрид со над десетина еворпски аеродроми од повеќе европски градови придонесува Охрид да станува туристичко откритие за се повеќе европски туристи. Тие досега заради немање авионски линии ја одминувале земјава како туристичка дестинација. Лошата патна инфраструктура кон Охрид е страшен напор гостите да стигнат од скопскиот аеродром до Охрид. Многу е важно да има што повеќе директни линии до охридскиот аеродром, вели Соколовиќ. Станува збор за гости кои трошат повеќе вон сместувачките капацитети.

„ Нив не ги интересира плажа и капење. Доаѓаат за авантуристички туризам, традиционалната кујна, храна и вино. Само 10 посто доаѓаат само за сончање и капење, а 90 посто доаѓаат за сето останато што го има во Охрид“, нагласува Соколовиќ.

Соколовиќ напоменува дека генерално гостите се задоволни од престојот во Охрид, но имаат и забелешки на кои институциите и еснафите од угостителството треба да работат на подобрување. Една од забелешките на гостите што најмногу им пречи е неподносливата бука во вечерните часови која доаѓа од угостителските објекти. За нив е несфатливо да има музика во 1, 2, 3 часот наутро, а се чудат и на пресилната бука во кафулињата и рестораните, вели Будимир Соколовиќ сопственикот на Вила и винарија Мал Св. Климент.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top