Се зголемува бројот на охриѓани кои примаат трета доза вакцина

Тоа се лица над 50 години од различни професии меѓу кои и вработени во образованието и здравството. Во помал број се имунизираат децата со вакцина против Ковид-19.

 |  Валентина Неловска  | 

Над 120 охриѓани ја примиле третата доза на вакцина по препорака на Националната комисија за имунизација, информира д-р Соња Мариноска, раководител на Службата за здравствена заштита на деца и младинци. Бустер доза може да примат граѓаните кои пред три месеци се имунизирале со кинеските вакцини, а по шест месеци лицата кои примиле вакцини на Спутник, Фајзер и Астра Зенека. На трета доза со вакцината Фајзер се одлучиле граѓани над 50 години, а меѓу нив има лица од различни професии меѓу кои и вработени во образование и здравство. Оваа бројка на имунизирани лица постојано се менува, вели д-р Мариноска.

Интересот кај охриѓани се зголемува од ден на ден за вакцинираните и ревакцинираните со Синовак и Синофарм. Исто така и кај другите кои се вакцинирани и поминале шест месеци. Но, во овој момент поголем е интересот за третата доза кај граѓаните кои ги добиле кинеските вакцини отколку кај граѓаните кои ги примиле другите вакцини – истакна Мариноска.

Доктор Мариноска апелира граѓаните да се вакцинираат, вакцините се ефикасни и безбедни, само со имунизација може да се стекне колективен имунитет и да се спречи ширењето на вирусот.

Граѓаните може да се обратат до вакциналниот пункт без закажан термин во работните денови. Да понесат со себе лична карта и документ за примена вакцина – додава Мариноска.

Мал е одзвиот за имунизација кај децата да ја примат вакцината против ковид 19, додека без проблеми тече вакцинацијата за возрасните охриѓани. Во моментов се одвива вакцинација и ревакцинација со прва и втора доза со вакцините Синовак и Фајзер, а ревакцинацијата со Астра Зенека.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top