Се узурпираат и продаваат заедничките простории во внатрешноста на Амамот

Реагираат сопственици на дуќани во трговскиот центар дека поединци бесправно преградуваат ходници, тераси, подруми авршат зафати и врз фасадата на објектот.  Барања за увид во нелегалните активности упатиле до повеќе институции пред повеќе од една година, но според нив,  до денес никој не презел конкретна активност да се спречи самоволието и да се санкционира. Сопствениците на деловни простории во Амамот најавуваат кривични пријави. 

 |  Валентина Неловска  | 

Се узурпираат заеднички простории во трговскиот центар Амам. Поединци бесправно преградуваат , застаклуваат ходници, тераси, подруми, заеднички тоалети, а заедничките влезови се претвораат во кафулиња, револтирано напоменуваат сопствениците на дуќани кои имаат деловни простори во амамот. Сопствениците на деловни простории и дуќани во ТЦ Амам регистрирале 8 нелегални активности од субјекти од различни дејности кои узурпирале дел од заедничките простории. Узурпациите ги пријавивме до сите надлежни институции уште во декември 2019, вели Љупчо Ѓорески, сопственик на дуќан. Додава дека од тогаш досега ништо не е преземено.

„Узурпацијата на заедничките простории во ТЦ Амам продолжува како што беше со плажите сега е и со Амамот. Сме купиле дуќани да работиме, а не да се расправаме зошто да имаме кавги и проблеми. Сите се согласивме да одиме до крај. Ќе има кривични пријави за тие што се инволвирани во таа работа. Кој го овозможил ова да се случи и да го направи“.

Сто и дваесете сопственици на дуќани во ТЦ Амам за овие бесправни градежни активности поднесле пријави до СВР Охрид, НУ Завод и Музеј, Министерството за транспорт и врски, до Општинскиот инспекторат и од Државниот градежен инспекторат уште во декември 2019 година. Од тогаш до сега не само што не се одстранети недозволените градежни активности туку узурпациите продолжуваат и понатака со издавање на документација за продажба на заедничките простории, вели Јонче Трајкоски, еден од сопственците на дуќани. Трајкоски  вината ја лоцира во катастар и во одделението за урбанизам при Општина Охрид.

„Како катастар дал елаборат за физичка делба на заеднички простории кога тие се за користење на сите кои имаат дуќани, а не за еден -двајца? Како урбанизам не реагирал за физичка делба кога треба да се достави проект, а во него нема приватна сопственост тоа се заеднички простории. Зошто не дале свое мислење? Сите мижат“.

Узурпациите се случуваа преку ноќ и за време на викендите, вели Љупчо Ѓорески. Со поставувањето на стаклени прегради и монтажна урбана опрема се менува и фасадата на Амамот кој се наоѓа во границите на заштитената споменична целина во Старото градско јадро.

„Во централното градско подрачје не е дозволено ни ќерамида да поместиш, кај комшиите им капи старата куќа и не им даваат да заменат ќерамида, а овде се прави објект пред објект. Пред дуќанов дуќан ми подигаат и никој не реагираа.“

ТВМ Телевизија се обрати за овој проблем до НУ Завод и Музеј, Општинскиот инспекторат, до Управата за заштита на културното наследство и до Државниот градежен инспекторат со прашање што е преземено по пријавите на сопствениците на дуќани од ТЦ Амам.

НУ Завод и Музеј извршил увид по барање на сопствениците на дуќани во февруари минатата година и констатирале нелегални активности кои го менуваат фасадниот изглед на објектот за што ја известиле Управата за заштита на културно наследство.

Општинскиот инспекторат како ненадлежен бидејќи објектот е во заштитена споменична целина само ги препратил барањата за инспекциски надзор до Државниот градежен инспекторат и Министерството за транспорт и врски.

Од Управата за заштита на културното наследство и Државниот инспекторат за градежништво денеска не добивме информација.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top