Се реконструира внатрешноста на Здравствен дом Маларична

Се подобрува ентериерот во чекалните, ходниците, ординациите  и во сите работни простории. Вработените и пациентите збогум ќе им кажат на  дрвените клупи за седење во чекалните  стари преку 5 децении. Средстата за реконструкција ги  обезбеди ресорното министерство со проект преку Светска банка.  

 |  Валентина Неловска  | 

Охридскиот Здравствен дом Маларична се реновира. Во внатрешноста на објектот се поставуваат нови гипсени табли на ѕидовите и таваните, се поплочуваат ходниците. Ајсел Зејноска, директор на оваа здравствена установа, вели, Министерството за здравство со проект преку Светска банка инвестира во подобрување на квалитетот на услугите за пациентите кои се лекуваат во јавните установи во земјава меѓу кои и во охридскиот здравствен дом.

„Се реконструираат ходниците, чекалните, дел од ординациите кои се дотрaени, каде што  подолго време пациентите чекаат, за да им биде поудобно. Со години во Маларична не беше закачена една шајка, сега настојуваме да се реконструира ентериерот, внатре да биде попријатен претстојот за пациентите“.

Охриѓани кои се лекуваат и бараат медицинска помош во Маларична ќе добијат современ ентериер. Забрзано се изведуваат градежни зафати и во работните простории на Итната медицинска помош, лабораторијата, стоматолошките ординации, школскиот диспанзер, патронажната и техничката служба. Вработените и пациентите збогум ќе им кажат на дрвените клупи за седење во чекалните стари преку 5 децении.

„Ако се сеќавате во просториите во чекалните беа дрвени клупи од пред 50 години. Нив ќе ги тргнеме и ќе ставиме столчиња за пациентите да им е поудобно додека чекаат кај матичните лекари или на брза помош“.

Директорката Зејноска напоменува дека по завршување на внатрешната обнова ќе продолжат со реконструкција и на надворешноста на објектот. Со сопствени средства планираат замена на дотраените врати и прозорци,поставување изолација и обнова на фасадата на Маларична , современо надворешно осветлување. Во план е да постават снегобрани и громобран на новиот покрив кој беше заменет пред неколку години.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top