Се полнат болничките капацитети со пациенти заразени со британскиот сој на Ковид 19

Исполнети се капацитетите на охридската модуларната болница и останатите ковид одделенија. Деведест пациенти се згрижени на  болничко лекување од кои  шеесетина се на кислородна поддршка и на неинвазивна вентилација. 

 |  Валентина Неловска  | 

Пациентите заразени со британскиот сој на Ковид 19 ги наполнија болничките капацитети во ковид центарот во охридската Општа болница. Од ден на ден е во пораст бројот на пациенти заразени со ковид 19 кои се сместуваат во модуларната болница која има 54 кревети, информира директорот Д-р Горан Балески.

„Модуларната болница е скоро исполенета. Новото крило го примивме вчера, 8 контејнери со 15 кревети и денес почнавме да ги пополнуваме. Исполнети се сите капацитети на интерното одделение и геријатрија. Имаме 90 пациенти од кои 60 се на кислородна поддршка и на неинвазивна вентилација“.

За потребите на модуларната болница и болничките одделенија кои немаат централен довод на кислород се уште не е готова изградбата на базната станица за довод на кислород. Сепак, Општа болница Охрид има доволни количини на кислород. Дневно се трошат во лекувањето на пациентите и по 50 боци кислород. Во овој трет бран на зголемен број на пациенти со ковид 19 кои се на болничко лекување има пациенти од најразлична возраст со потешка клиничка слика.

„Има помлади пациенти од 35 години до 80 години. Помлади пациенти со тешка клиничка слика, кои лежат и по 25 дена. Никој не може да ја предвиди болеста и исходот на лекувањето. Терапијата и протоколите за новиот британски сој се исти како и за претходниот, но има подолго времетраење на лекувањето кое трае и до 30 дена“.

Доколку продолжи зголемениот број на заразени пациенти на кои ќе им треба болничко лекување повторно ќе се пренаменат нервното и интерното одделение за прием на ковид пациенти во Општа болница. Директорот на болницата информира дека има на располагање доволен број медицински кадар кој работи со ротации, а останатите болнички одделнија работат со редуциран број на пациенти.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top