Изградба на нов објект за Охридската трансфузиолошка служба е планот на надлежните

Решението за функционирање на оваа служба во соодветни услови е изградба на нов објект. Сегашниот објект каде што е сместена службата е изграден пред скоро 6 децении, а досега не е реновиран. Условите се очајни за што неодамна реагираа крводарители објавувајќи фотографии на социјалните мрежи.

 |  Валентина Неловска  | 

Реконструкција на Охридското одделение за трансфузиологија не е паметна инвестиција за надлежните. Објектот во кој функционира Службата за трансфузиона медицина во Охрид не ги исполнува условите ниту просторно ниту локациски, покажале анализите, а неодамна јавноста беше шокирана и од споделените фотографии на социјалните мрежи за внатрешните услови. Влажни и мувлосани подрумски простории, дотраена дограма, искршен мебел се далеку од стандардите за нормално одвивање на дејноста.  

Црна мувла, влага насекаде, паѓаат ѕидовите, импровизирани стари прозори кои во секој момент може да ти паднат на глава. Во ваква мизерија даруваме крв. Затворите во Танзанија имаат подобри услови..Колку и да се трудат вработените да ни обезбедат хигиенски услови не е возможно, ова е буниште – се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Планот на Институтот за трансфузиологија е изградба на комплетно нов објект за Охридската трансфузиолошка служба. Локацијата се најавува дека ќе биде во кругот на општата болница. Институтот во соработка со Министерството за здравство преземаат активности веќе следнава година да се реализира овој проект со што ќе се обезбедат стандардни услови за Службата за трансфузиона медицина во Охрид.

Тоа би било еден од приоритетите во следната година во делот за зајакнување на болничките капацитети. Може да се направат некакви прераспределби. Во комуникација сме со директорот на Институтот за целокупниот процес кој досега не трпеше никакви проблеми во делот на снабдување со крв така што ќе го решиме и овој проблем – истакна Филипче.

Трансфузиолошките единици се преземени од општите болници од 2007 година и се споени со Институтот за трансфузиологија во Скопје. Објектот каде што е сместена охридската единица за трансфузилогија е изграден пред повеќе од 5,5 децении, во 60 тите години од минатиот век.

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top