Разни видови отпадоци завршуваат и во каналот Студенчишта

Од ЈП Билјанини извори кое стопанисува со каналот Студенчишта информираат дека редовно ја одржуваат неговата чистота, но се забележуваат вакви несакани појави. Апелираат сопствениците на пловните објекти да водат грижа каде завршува отпадот кој го носат по завршување на пловењето.

 |  Валентина Неловска  | 

Пловат разни видови отпадоци во долниот дел од каналот Студенчишта. Најчесто се забележуваат пластични отпадоци, чаши и шишиња, хартија и друга амбалажа од храна и пијалоци. Гордана Јованоска, директорка на ЈП Билјанини извори, кое стопанисува со каналот, информира дека редовно ја одржуваат неговата чистота, но сепак се забележуваат вакви несакани појави.

За жал во текот на летово честопати од глисерите и корисниците на каналот беа фрлани отпадоци кои што не може да се исчистат во истиот момент  и пловат во водата и не се дава убава слика. Иако, секој ден го одржуваме со кепче ги чистиме пластичните и  другите видови отпад. Се трудиме да го санираме, но секогаш не можеме. 100 души да чистат ако еден гнаси е залудно – истакна Јованоска.

Од ЈП Билјанини извори кое стопанисува и со паркинзите, спортските терени и со каналот Студенчишта ги повикуваат сопствениците на пловните објекти на поголема одговорност кон животната средина. Апелираат да водат грижа каде завршува отпадот кој се носи во пловилата по завршување на пловидбата. Јованоска напоменува дека пред почетокот на летната сезона направиле темелно чистење на каналот.

Оваа година пред да го користиме каналот за паркирање на пловните објекти беше исчистен целосно. Со помош на нуркачкиот клуб кој функционира во Спортско рекреативниот центар од дното на каналот извадивме еден трактор  гуми кои служеле како граничници  за  пловните објекти – додава Јованоска.

За каналот Студенчишта се барало место повеќе ова лето. Капацитетот на каналот бил 100 процентно исполнет. Сопствениците на глисери од внатрешноста поради пандемијата не можеле да патуваат по блиските мориња, па ги донеле своите глисери во каналот. Од 126 броеви за означени места во еден момент имале преку 30 пловила повеќе и нивниот број достигнал до 158 пловни објекти поставени на страната со која стопанисува ЈП Билјанини извори.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top