Пуштена во употреба современа автобуска станица во Охрид

Пуштена во употреба современа автобуска станица во Охрид. Во нејзина близина поставени  темели и на  нов трговски центар на површина од 8 илјади метри квадратни. Премиерот Зоран Заев го поздрави потегот на македонските инвеститори да учествуваат во изградба на нови објекти кои ќе допринесат за поквалитетен живот на граѓаните.

 |  Валентина Неловска  | 

Охрид доби современа автобуска станица на површина од 3200 метри квадратни. На свеченото пуштање во употреба покрај инвеститорот Аднан Исмаил беа присутни премиерот Зоран Заев и градоначалникот Јован Стојаноски. Истовремено беа поставени и темелите за изградба на нов трговски центар. Станува збор за домашна инвестиција вредна 7 милиони евра. Зградата со површина од 1100 метри квадратни има модерни сервисни и услужни простории со чекална, шалтери за продажба на билети, кафетерија. Терминалниот дел пак, е со површина од 2200 метри квадратни и има по 8 појдовни и дојдовни перони. Аднан Исмаил, сопственикот на компанијата Делфина турс, инвеститор на автобуската станица, кажа дека се горди што го исполниле ветувањето дадено пред три години дека Охрид ќе добие најсовремена автобуска станица во земјава. Истото го ветува и со изградбата на трговскито центар популарно наречен Охрид мол.

„ Цврсто сме убедени дека со Автобуската станица и со Трговскиoт центар Охрид ќе добие нови современи обележја отварање на повеќе работни места и ќе придонесеме да се запре иселувањето на младите од земјава со понуда на работен ангажман не само локално туку и регионално. Бизнис заедницата верува во политиката на Владата на РМ особено сега кога сме пред вратите на Нато и ЕУ , ќе има нови инвестиции, повисоки плати и нови работни места“, кажа Исмаил.

Јован Стојаноски, градоначалникот на Охрид е задоволен што градот добива капитален објект каков што е модерната автобуска станица. Објектот ќе придонесе за подобрување на туристичкиот промет и збогатување на туристичката понуда на градот, рече градоначалникот. Побара поддршка од Владата и од премиерот за нови инвестиции.

„ До премиерот на РМ , Зоран Заев, упатувам порака да ги поддржат капиталните инвестиции во нашиот град, да ги зголемуваме, да отвараме и други нови објекти, да има вработувања во градот. Тоа е и желбата на граѓаните да има нови вработувања и подобар живот“, рече Стојаноски.

Премиерот Зоран Заев, во неговото обраќање кажа дека со современиот објект градот продолжува да расте и да се развива. Ние како државна и општинска администрација ќе ги продолжиме сите започнати претходни проекти и ќе дадеме сигнал за стабилност во државата која ќе ги мотивира останатите инвеститори, рече премиерот Заев . Истакна дека ќе продолжат и започнатите проекти за подобрување на патната инфраструктура од и кон Охрид посебно на патните правци кон Кичево и Ресен.

„Мене ми е драго што ова е домашна инвестиција која се случува во нашата Македонија. Добро е што овозможува приход на локално ниво, носи приход во државата , отвара нови работни места за младите луѓе и прави притисок да растат платите за младите да останат овде. Испраќа и порака до сериoзните инвеститори за они кои се двоумат да се охрабрат да влезат во нова инвестиција “, порача премиерот Заев.

Автобуската станица во Охрид се изгради за три години по продажбата на државното градежно земјиште со површина од 18.600 метри квадратни. Веднаш до станицата, во непосредна близина, се поставени темели и се гради современиот трговски центар. Објектот за комерцијално работење ќе биде на површина од 10.000 метри квадратни, а на 1500 метри кавдратни ќе има паркинг простор. Инвеститорот Аднан Исмаил , вети дека трговскиот центар Охрид мол ќе биде завршен за една година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top