Промовирана книгата „Регистарот на поп Јован Савев“ од Илинка Јанева

Промовирана книгата „Регистарот на поп Јован Савев“ од  Илинка Јанева.

 |  Валентина Неловска  | 
регистар

„Регистарот на поп Јован Савев“ е новата книга на  историчарот Илинка Јанева. Јанева 5 години ги истражувала и обработувала  единствените податоци кои поп Јован Савев успеал да ги зачува од заборав и да ги запише во регистарот кој го опфаќа  периодот од  19 и 20 век за семејствата во охридското маало Геракомија.  Податоците за семејствата во Охрид пред 1914 година  биле уништени, изгорени или изнесени од Охрид, па затоа овој регистар е мошне значен. Поп Јован Савев  бил свештеник во ова охридско маало, но и во селата Оровник и Подмоље, истакна аворот Јанева. Во регистарот кој настанал во 1914 година има податоци и од 1821 година, па се до 1936 година. Податоците се за семејствата на кои им служел поп Савев.

илинка„Тоа се семејствата во малото Геракомија каде  што живееле побогатите семејства. Таму е маалото на револуционерите Чаулев, Методи Патчев  и општествениците  Шахов, Балавчев. Тие податоци се многу значајни. Маалото Геракомија  било седиште  и на грчките епископи кои ја вршеле својата  дејност во Охридската архиепископија. Ова маало е многу  поразлично и поспецифично по начинот на живеење од другите  маала во Охрид“, напоменува историчарот Јанева.  

Од позначајните факти кои се содржани во Регистарот, Јанева ги издвојува податоците дека покрај евиденцијата на главата на семејството и останатите членови, биле вбројувани  дури  и слугинките како членови на семејствата. Има податоци и за семејствата од 17 век каде што се евидентирани 18 семејства во Маалото Геракомија, наведува Јанева. Историчарот наведува и други позначајни факти кои се содржани во Регистарот на поп Јован Савев.
 
илинка„Разликата во бројноста на членовите на семејсвата во Оровник и Геракомија била голема. На пример во Оровник членството во семејствата натфрлало и над 35 членови додека во маалото Геракомија бројноста на семејствата  била од 5 до 6 членови. Многубројни членови имало во семејсвата  Филеви, Хаџиеви и Точкови во Геракомија“, набројува Јанева.

 Поп Јован Савев меѓу охриѓани бил запаметен како кроток и паметен човек, кој пред да стане свештеник бил учител.

„Поп Јован Савев бил првиот учител во Влашка маала во периодот од 1872 до 1875 година. Потоа го примил светото свештенство и станал свештеник во црквата  Св. Ѓорѓи во Влашка маала, а потоа и во црквата Св.Никола  Геракомија во истата маала.  

Поп Јован Савев доживеал длабока старост. Умрел во Охрид, во ноември 1936 година, на 99 годишна возраст. Неговиот регистар со значајните податоци, неговото  семејсвото го предал на тогашните власти во 1946 година. Регистарот  бил  чуван  во куќата на Христо Узунов, а  од 1999 година се чува во депото на Државниот историски архив во Скопје. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top