Пролетните мразеви може да направат штети врз овошните насади

 
Со најавите за ниски температури најзагрозени се кајсиите и некои рани сорти на сливи. Овоштарите  за да го спасат родот да преземат мерки за заштита на овошните насади, препорачуваат агрономите.

 |  Валентина Неловска  | 

Во пролетните месеци со климатските промени стануваат вообичаени појавите на ниски температури кои се опасност за уништување на родот кај овошките и земјоделските култури. Во моментов нема штети врз овошните и земјоделските култури од снегот кој падна деновиве воо охридскиот регион, информира агрономот Мирослав Трајчески. Има само намалено опрашување на овошките бидејќи се прекина летот на пчелите. Деновиве се најавуваат ниски температури кои може да предзивикаат штети од мраз кај овошните насади. Посебно се загрозени овошките каде што е почната вегетацијата како кајсиите и некои сливи, како што е пример локалната слива „петровка“.

„На температури од минус пет и минус шест кои се предвидуваат во период на фаза на цветање ќе има штети, но колку и какви зависи од многу фактори. Зависи од микролокацијата на одреден насад, од микроклимата, апсолутната минимална температура, должината на траењето, дали има ветер, општата состојба на овошките и слично“.

Агрономот Трајчески упатува совет како охридските овоштари да ги спасат овошките од пролетните мразеви. Нагласува дека вреди да се обидат иако нема целосна гаранција за успех бидејќи се зависи од многу фактори , но сепак препорачува две мерки кои можат да ги заштитат овошките.

„Тоа е едниот најстар метод кој е мачен и напорен со палење оган во насадот кој треба да се изведе во раните утрински часови некаде во 3-4 часот наутро, кога се очекуваат минималните температури. Се палат слама или пилевина. Другиот е со прскање на средства за заштита од мраз т.н. растителни антифризови, но тоа се средства со богат процент на аминокиселини и фитохормони кои го згуснуваат растителниот сок на растенијата“.

Ниските температури не се критични за да им наштетат на житните култури бидејќи се под снежна покривка иако е таа минимална, а за пластенците со раноградинарски култури се препорачува да се затвораат во текот на ноќта.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top