Проф.д-р Митрески: Секоја наука нема дно, нема крај, треба да се истражува

„Михајло Идворски Пупин од Вевчани до Идвор“, Четврти дел „Студии за охридско – струшкиот регион“ и втор дел „Српски документи од 1890 до 1940 година“ се насловите на  трите  најнови книги од проф. Д-р Павле Митрески. Станува збор за објавени  значајни историски факти од нашата понова историја. Неуморниот научен работник и историчар и во 9 -тата деценија од животот работи на откривање нови записи од нашето минато. 

 |  Валентина Неловска  | 

Промовирани три книги од Проф д-р Павле Митрески. Станува збор за делата „Михајло Идворски Пупин од Вевчани до Идвор“, четврти дел „Студии за охридско – струшкиот регион“ и втор дел „Српски документи од 1890 до 1940 година“ кои содржат значајни историски факти од нашата понова историја. Секоја наука нема дно, нема крај, треба да се истражува. Тоа се покажа и во случајот со моите истражувања поврзани за Михајло Пупин Идворски, вели неуморниот научен работник и историчар. Проф. д-р Митрески во 88-та година од животот пишува и твори оставајќи во наследство на идните генерации драгоцени записи од нашата понова историја.

За последните откриени записи во најновата книга „Михајло Идворски Пупин од Вевчани до Идвор“, која е 4 книга, ќе рече тоа е мала книга, но со голема содржина. Во неа се изнесени нови факти кои зборуваат за врската на Михајло Пупин со овој регион. Има нови моменти од кои се дознава дека општина Охрид во 1924 година го прогласува Пупин за почесен граѓанин на градот, а по неговата смрт во март 1935 охриѓани му одале почит со парастос во црквата Св.Богородица Каменско, отпечатиле и некролог, именувале улица со негово име, тоа е денешната улица Димитар Влахов, споделува Митрески.

„Тие документи зборуваат за врската, релацијата помеѓу Михајло Пупин и Македонија  дека била многу голема. Во оваа мала книга има и многу други значајни материјали. Пишувајќи за Пупин, јас не сакам да се фалам, но тоа ми го признаваат и од Српската акедмија, е на некој начин и моја втора докторска дисертација“.

Новинарот Мишко Китаноски, рецензент на книгата „Михајло Идворски Пупин од Вевчани до Идвор“, истакна дека огромно е задоволството што Охридско – струшкиот регион го има авторот и историчарот Проф.д-р Павле Митрески.

„Неговиот цел историско – научен опус и придонес е толку етаблиран и значен за овој регион што е вистинско задоволство и тоа посебно да се истакне. Нема друг регион во земјава кој е толку истражен и афирмиран во научната мисла. Павле Митрески е единствениот македонски историчар кој што е најмногу цитиран, особено во странската литература, посветена на темата за Михајло Пупин“.

Професорот Митрески и за другите две дела напоменува дека содржат оргинални историски податоци и се продолжение како четврти дел на „Студии за охридско – струшкиот регион“ и втор дел „Српски документи од 1890 до 1940 година“ . И овие две книги ќе бидат драгоцени за идните генерации.

 „Има многу материјали за овој регион. На пример, од градоначалникот Јован Ќирковиќ, од 1914 година, има 40 страници оригинални описи на охридскиот округ кој почнувал од Св. Наум па се до Дебар. Има прекрасни податоци за села, училишта, животот, патиштата, тоа се е изворно, интересно и се важни документи кои читателите ќе ги читаат како роман“.

Историските записи во трите дела со најнови факти од проф Д-р Павле Митрески добиле финансиска поддршка од охридската Локална самоуправа, Министерството за култура и од вевчанецот Секула Баткоски.
Проф. Д-р Павле Митрески во својот научно-истаражувачки работен век има објавено 15 трудови.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top