Продолжува негрижата за заштитениот објект Св. Сава

Близу две децении објектот е под заштита на Управата за културно наследство, а никој не се грижи да се спречи пропаѓањето на зградата. Сопственикот на објектот ГП „Гранит“ почнал со проект за конзервација и реставрација на некогашното училиште изградено кон крајот на деветнаесетти век.

 |  Валентина Неловска  | 

Запуштената зграда Св. Сава во Месокастро станува се поопасна за минувачите. Продолжуваат да паѓаат одронети ќерамиди, делови од фасадата, а и искршено стакло од руинираните прозори. Жители од овој дел на старото градско јадро и родители на деца кои учат во основното училиште „Св Климент Охридски“, кое е во непосредна близина на објектот, стравуваат за безбедноста на минувачите кои го користат патот покрај неа, а кој води кон основното школо и Метеоролошката станица.

Објектот на некогашното училиште Св Сава се распаѓа. Сопственикот на објектот ГП Гранит близу две децении не презема активности за да се спречи опасноста која им се заканува на минувачите – пишуваат граѓаните.

ТВМ побара информација од Општинскиот инспекторат дали до нив има пријава од граѓани за опасниот руиниран објект и дали ќе преземат некакви активности за сопственикот Гранит да ја обезбеди зградата. Оттаму се оградуваат од било каква надлежност и упатуваат на Завод и Музеј и Државната градежна инспекција. Од НУ Завод и Музеј информираат дека сопственикот ГП „Гранит“ е во фаза на подготовка на проект за конзервација и реставрација бидејќи градбата е под заштита на Управата за културно наследство. Во меѓувреме, за да се спречи несакана незгода за минувачите, ќе го информираат ГП Гранит, изјави Мишко Туткоски, директор на НУ Завод и музеј-Охрид.

Законски е точно дека Државниот градежен инспекторат треба да води грижа за Старото градско јадро. Ние како Завод и музеј немаме инспектори за да контролираме. Во оваа ситуација, ние ќе ги известиме сопствениците на објектот и во најскоро време ќе се заврши постапката за конзеравација и реставрација на градбата – вели Туткоски.

Објектот Св. Сава е под заштита на Управата за културно наследство од 2005 година, а е изграден кон крајот на 19 век, 1898/1899 година. НУ Завод и музеј, Охрид има врачено решение за поединечно заштитено култруно добро за објектот во сопственост на ГП „Гранит“. Правниот акт е издаден по  претходно изработен Елаборат за ревалоризација.

Во решението е наведено дека објектот може да се пренамени, да се санираат кровот, фасадата, столаријата.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top