Продолжува дивеењето со подметнати пожари, потфрлаат надлежните институции

 Викендов се опожарени површини со нискостеблести растенија во близина на Хидробиолошкиот институт, Св. Стефан и Подмоље. Еколозите ваквите инциденти  ги лоцираат  во пропустите кај поединци од надлежните институции кои траат со децении.  

 |  Валентина Неловска  | 

Нови пожари опустошија површини во близина на Хидробиолошкиот институт, населбата Св. Стефан и во Подмоље. По пожарите во Андон Дуков и на струшкото крајбрежје, каде што подолго време се пали трска, сега горат површини со нискостеблести растенија и на охридскиот дел. Охридските екологисти ги осудуваат ваквите опожарувања со кои се уништува природата. Борис Џајкоски, член на претседателсвото на ЕД Грашница и Еколошкото движење на Македонија, од името на екологистите повикува на совест кај граѓаните,но и на совесно работење на институциите за кои се надлежни. Џајкоски при тоа ги лоцира пропустите кај одредени личности за ваквите еколошки инциденти кои се случуваат со децении. Џајкоски напоменува дека и покрај апелите и укажуавњатат гори насекаде низ Македонија.

„ Нема град каде што не е запалено. Не може никој да не е фатен. Дали се луѓе кои палат заради некаква корист, генерално е заради тоа. Трска гори во Струга па по два – три дена се поставуваат столбови и цемент. Сите знаат кој го прави тоа. Зошто никој не реагира или ги пуштаат? Ова се случува 29 години наназад. За да се спречи овој проблем власта да заземе став дали ќе работи како што треба и ќе го поддржи невладиониот сектор, ќе ги санкционира уништувачите или пак ќе ги поддржува, трето нема“, укажува Џајкоски кој додава дека како екологисти низ годините во нивните намери за спречување на еколошки проблеми трпеле разни закани и притисоци.

Во меѓувреме, што преземаат надлежните институции контактиравме дел од нив. Државниот инспектор за животна средина се оградува од надлежности врз палење на трски и други растенија кои не се дел од заштитеното подрачје. Се повикува на ненадлежност во екосистемот кој не е во заштитено подрачје. Како надлежни за спречување и откривање на сторителите ги посочуваат полицијата и инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат. Од државниот земјоделски инспекторат, пак информираат дека нивните инспектори кои имаат надлежност врз државно земјоделско земјиште се дел од координативна група за спречување на пожарите за кои координатор е Министерството за екологија, а во кој спаѓа и Дражвниот иснпекторат за животна средина.

Неодамна, од СВР Охрид најавија засилени патроли со цел спречување на несовесни граѓани подметнувачи на пожари и нивно санкционирање. Најавија интензивна соработка со институции на локално и регионално ниво за размена на информации во врска настанати пожари, организирање на дополнителна помош во опрема, техника, сили и средства. По новите случувања информираат дека работат на откривање на сторителите во консултации со Јавното обвинителство.

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top