Прес конференција на СДСМ Охрид

Томислав Тунтев – Вистината и реалноста се поразителни

 |  инфодеск  | 

 

“Очајни и неуспешни се обидите на градоначалникот Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ да ја убедат охридската јавност дека се остваруваат ветените проекти и дека ова е најуспешната туристичка сезона. Вистината и реалноста се поразителни – за 28 месеци градоначалникот Бакрачески и власта на ВМРО-ДПМНЕ не успејаа да реализираат ниту еден проект од оние што во нивната изборна програма беа ветени како приоритетни и капитални, изјави на прес конференција претседателот на општинската организација на СДСМ, Томислав Тунтев.
За годинешната летна туристичка сезона тој изјави: “ни оддалеку не е најуспешната туристичка сезона во последните 10 години, ниту по бројот на остварени ноќевања во изминатиот период, ниту по бројот на домашни и странски гости”.
“За време на Илинденските празници во Охрид имаше наплив на домашни гости, поради високите температури, убавото време и продолжениот викенд. Но, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид со ништо не придонесе за големиот број на викенд туристи. Напротив – неспособноста и немоќта на општинските челници да се справат со потребите и барањата на граѓаните и гостите доведе до општ хаос. Недостиг на паркинг простор, хаос во сообраќајот, полни контејнери со ѓубре, неисчистени улици, бучава во ноќните часови, самоволно однесување на таксистите и превозниците, излеани фекалии во езерото, непочитување на работното време на угостителските локали – тоа беше реалната, жална слика во Охрид во изминатите денови, рече Тунтев”.
Што се однесува до непознавањето на работите и нестручно изведување, Тунтев ја посочи улицата Питу Гули како пример за тоа.
“Стартот на градежните работи на една од главните и најпрометни улици во градот беше означен на 3-ти април, пред цели 4 месеци, со помпезна прес конференција од страна на властите. Според сите градежни и комунални стандарди, улицата требаше да биде готова пред почетокот на туристичката сезона. Но, работите се одвиваа невообичаено бавно и улицата остана незавршена. И, наместо да се прекинат градежните работи за време на високата туристичка сезона, како што е тоа ред и обврска за сите инвеститори во Охрид, и да се овозможи непрекинато и безбедно одвивање на сообраќајот, локалната власт продолжи со реконструкцијата, со што предизвика чести застои во сообраќајот, пренасочување на возилата и вистински хаос во туристичкиот шпиц, изјави Тунтев и додаде “Цела година луѓето ги чекаат овие два месеци за да можат да заработат некој динар од туризмот, а властите одлучија токму во овие два месеци да ја затворат оваа прометна улица и тоа да им го оневозможат. Хаосот во сообраќајот, секојдневните нервози на возачите, изгубеното време и дополнителните трошоци за гориво, како и изгубената заработка на дуќанџиите на улицата „Питу Гули“ – сето тоа лежи на душа на неспособната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со градоначалникот Бакрачески”, рече Тунтев.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top