Повторно се излеваат отпадни води во езерото кај каналот Студенчишта

Преку отворено писмо до Градоначалникот на Охрид од граѓанската иницијатива Охрид SOS повикуваат итно да се спречи загадувањето на Охридско Езеро. Ова е стар проблем кој се провлекува со децении кај месноста „Мазија“, а од надлежните нема решение и покрај бројните најави за спречување на излевањето на отпадни води на тој потег.

 |  Валентина Неловска  | 

Итно да се стопира загадувањето на Охридско Езеро кај месноста „Мазија“ повикуваат од граѓанскатата иницијатива Охрид SOS. Во отворено писмо до градоначалникот Кирил Пецаков, бараат да се спречи загадувањето на езерото. Еколошките активисти потсетуваат дека Охридското Езеро  покажува алармантни знаци на еутрофикација, а секое неделување во насока на сузбивање на изворите на загадување е неприфатливо.

Во 21 век во пределот на „Студенчишта“ и „Билјанини извори“ во срцето на исклучително важно место за биолошката разновидност, да се соочуваме со мистериозни одводни канали е непримерно. Недостатокот на комуникација, координација и совесно управување од страна на надлежните, Регионот го донесе дефакто на листата на Светско наследство во опасност – реагираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.

Од Охрид SOS бараат итна акција, инспекцијата веднаш да излезе на терен, да се земат мостри и да се утврди колкаво е загадувањето и предизвиканата штета. Градоначалникот Кирил Пецаков да иницира итна средба со релевантните субјекти, да се утврди причината на проблемот, да се преземат мерки за запирање на загадувањето на езерото кај „Мазија“. Да се направи акциски план со зададeна временска рамка и да се транспарентни сите одлуки, мерки и активности за кој што општината редовно ќе ја информира јавноста.

Ги контактиравме ЈП „Нискоградба“ и општина Охрид како ќе постапат кон решавање на овој долгогодишен проблем.

Од општина Охрид за ТВМ велат дека општинскиот инспектор за животна средина излегол на терен за да ја утврди причината и со подетални  информации ќе излезат во наредните денови.

Од ЈП „Нискоградба“ пак, информираат дека станува збор за делумно одлевање на мешовити води во 90 % атмосферски води, а се случува при поголем прилив на атмосферска вода. Одделението за фекално одржување работи на континуирано одржување на линијата и овие случаи се редок исклучок. За трајно решавање на овој проблем потребно е испитување на целата линија на Булевар АСНОМ за да се лоцира проблемот за трајно решавање кое е наша заложба, велат од јавното претпријатие.  

Истекувањето на отпадни води кај каналот Студенчишта се повторува во одредени периоди години наназад, а ТВМ Телевизија пишуваше за овој проблем во повеќе наврати. Објаснувањата на надлежните низ годините беа поради преоптовареност прелевање на дел од фекалната во атмосферската канализација, потоа дека несовесни граѓани одложуваат цврст отпад во канализациона мрежа, диво приклучени куќи на атмосферска канализација.

ЈП „Нискоградба“ и ДЈП „Колектор“ заклучија дека дека дивите приклучоци се причина за излевањето, а за чие лоцирање во 2020-та година требаше да се спроведе скенирање на канализационата мрежа на потегот Бејбунар. Покрај нашите настојувања, до денес не добивме повратна информација за резултатите од таа активност.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top