Прелази има и во близина на Чекоштина и тие се повеќе наменски по потребите од ЈП Водовод и Нискоградба. Во иднина ќе се избегнуваат прекопи преку или под коловозот.
Од секторот за комунални дејности, патишта и улици при Локалната самоуправа поставиле прелази на автопатот Кичево-Охрид кој е во изградба. При изработката на автопатот по наше барање и на барање според потребите од ЈП Водовод и Нискоградба се договоривме со изведувачите да се направат 5-6 прелази на автопатот, информира Томе Нанески, раководител на Секторот за Комунални дејности, патишта и улици.
„Поставивме цевки кои можат да се искористат за повеќе намени. Може да се искористат за менување на електрични кабли и кабелски оператори. Кога ќе се заврши автопатот да не се копа или да нема бушење под нивото на коловозот“.
Неодамна ова прашање го актуелизираа од здружението Чекоштина урбан. Тие побараа од општината да среди неколку комунални приоритети за жителите кои имаат куќи во овој дел од градот како што е изградба на канализациона мрежа, но и да изведат приклучоци на колекторот.
„Сега е нужно општината да го реши овој проблем дали преку проектот за автопатот треба да постават цевки за да не го рушиме потоа патот. Да оформиме канализација за колекторот“, посочи Ванчо Огненов од здружението Чекоштина урбан“.
Во населбата Чекоштина во моментов нема атмосферски, канализационен и водоводен систем. Граѓаните кои градат објекти не плаќаат надомест за уредување на градежно земјиште на општината. Се склучува договор со инвеститорите со кој децидно се наведува дека инвеститорот е должен сам да го уреди градежното земјиште, а тоа значи да изгради водовод, канализација и приодни патишта. Но, тоа не значи дека општина Охрид не размислува за изградба на фекална канализација во населбата Чекоштина, вели Томе Нанески , раководител на Секторот за комунални дејности, патишта и улици при Локалната самоуправа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град