Раскопани тротоари и неупотреблива велосипедска патека се протегаат од двете страни на дел од улицата 7-ми ноември. Лошата состојба на фрекфентната сообраќајница го отежнува нормалното функционирање на сообраќајот. Граѓаните бараат Локалната самоуправа час поскоро да ги реконструира тротоарите од потегот кај фабриката Братство до меѓуградската автобуска станица.
Од двете страни на дел од улицата 7-ми ноември има неупотребливи тротоари. Раскопани тротоари и велосипедска патека ја загрозуваат сообраќајната безбедност на жителите кои живеат и работат во овој дел од Охрид. На потегот од фабриката Братство до меѓуградската автобуска станица не е можно да се вози велосипед, а е отежнато и движењето на пешаците од ископаниот асфалт. Граѓаните бараат поправка на тротоарите и патеката за велосипеди.
Бобан Трпески, од Неформалната организација „Чист Охрид“, споделува дека состојбата на овој потег од улицата е алармантна. Алармот се вклучи, откако, деновиве, се случи несреќа при судир меѓу двајца велосипедисти од кои едниот заврши со тешки телесни повреди. Трпат сите учесници во сообраќајот и бизнисите на овој потег, а губи и градот од угледот бидејќи туристите кои доаѓаат со автобус првата слика ја добиваат за Охрид од оваа улица, вели Трпески. Од НО „Чист Охрид“ веќе покренаа иницијатива за поправка и ставање во функција на велосипедската патека на овој дел од улицата 7-ми ноември.
Како проект не бара голема инвестиција. Општината може да ја реконструира со соодветни обележја, асфалт и нивелирање на патеките. Сведоци сме ако поминеме по улицата дека е во лоша состојба. До таа мера е лоша што велосипедистите и пешаците не го користат просторот наменет за нив и се движат по коловозот од улицата – вели Трпески.
Станува збор за реконструкција на околу 1 км пешачка и велосипедска патека од меѓуградската автобуска станица до фабриката Братство од двете страни на улицата 7-ми ноември. Со ставање на патеките во нормална функција добиваат бенефит сите, не само од сообраќаен, туку и од еколошки аспект.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град