Подолго време нема објава за оздравени охриѓани од ковид 19 во дневните извештаи на МЗ

Од Центарот за јавно здравје тоа го објаснуваат дека  се должи на  преоптовареност на лабораторијата на скопскиот Институтот за јавно здравје. Во Охрид има и голем број случаи каде што контролните тестирања покажуваат еден негативен, а втор позитивен тест па постапката на изолација и тестирања почнуваат од почеток. 

 |  Валентина Неловска  | 

Јавноста ја загрижува фактот што во дневните извештаи од Министерството за здравство подолго време нема податок за излекувани пациенти позитивни на Ковид 19 од Охрид. Станува збор за нереално прикажување на состојбата која се должи на преоптовареноста на лабораториските испитувања на скопскиот Институт за јавно здравје, смируваат од охридскиот Центар за јавно здравје.

„До крајот на ова недела очекуваме да ја заокружиме бројката со 50 оздравени лица. Утрово ги анализиравме податоците и од 209 активни позитивни случаи во Охрид, 81 лице се оздравени до вчера, 6 се починати, а во оздравените влегуваат и оние од почетокот на епидемијата 17 , 20 , како што ги објавивме“, информира директорот на охридскиот центар за јавно здравје.

Директорот на ЦЈЗ, Сашо Точков им се извинува на сите лица со позитивни наоди кои чекаат подолго време резултати. Појаснува дека покрај преоптовареноста со испитување на брисевите во сите лаборатории во земјава , долга е и процедурата на чекање на прв и втор контролен тест за излекување. Во Охрид се забележува и една друга појава , кажува Точков.

„Има случаи, а не е мал бројот на позитивни лица, на кои првиот контролен тест им бил позитивен па се чека 7 дена. И на 8 ден се прави контролен па се чека негативен тест уште еден по 48 часа, а тоа зема преку 20 дена во зависност од случаите. Има и случаи каде контролните тестирања покажуваат еден негативен, а втор позитивен тест па постапката на изолација и тестирања почнуваат од почеток“, посочува Точков.

Во моментов, во Охрид 15 лица чекаат за второ тестирање на Ковид 19. Во првиот пик од вториот бран на епидемијата со Ковид 19 епидемиолошката состојба во регионов и понатака е сложена. Во соседна Струга, 286 активни, а 166 оздравени , а починати се 31 лице. Дневно, со упати од матичните лекари и епидемилог се земаат и по 40 брисеви од лица во Охрид и Струга, информира Точков.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top